
Министерството за правда го објави Предлогот на Законот за кривичната постапка на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со што започнува јавната консултација за едно од најзначајните законски решенија во областа на правосудството.
Предлог-законот содржи решенија за унапредување на одредбите што се однесуваат на конфискацијата, правата на жртвите на кривични дела, мерките за пронаоѓање и обезбедување лица и предмети, електронските докази, посебните истражни мерки, финансиските истраги, увидот во списите, одржувањето рочишта и изведувањето докази на далечина, постапувањето по обвинителен акт, главната расправа, правните лекови, скратената постапка и други аспекти на кривичната постапка.
Предлогот е усогласен со јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, како и со меѓународните и европските стандарди. Воедно, законот е усогласен со 18 директиви на Европската Унија, особено во делот на процедуралните права на осомничените и обвинетите лица, правата на жртвите и конфискацијата.
Најзначајните новини во Предлогот на Законот за кривичната постапка се:
• Подобрување на одредбите за конфискација;
• Дигитализација на кривичната постапка;
• Ревидирање на одредбите за посебните истражни мерки;
• Унапредување на процедуралните права на осомничените и обвинетите лица, како и правата на жртвите согласно законодавството на Европската Унија;
• Усогласување со Законот за АРО, Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство;
• Отстранување на недостатоците утврдени во досегашната практика.


