Skip to main content
Македонија

Левица: Време е Тошковски да одговара за хаосот во МВР

24/06/2026  09:04

Соопштение за јавност на Левица:

Денес на дневен ред на собраниска седница е интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на Левица. Интерпелацијата е образложена преку 17 точки, систематизирани во шест тематски области, кои се однесуваат на работата на Министерството за внатрешни работи и на одговорноста на министерот Тошковски.

Меѓу клучните забелешки се наведуваат саботирање на истраги и несоработка со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, непостапување во случаи од висок јавен интерес, како и пропусти во откривањето и процесуирањето на сериозни облици на криминал и корупција.

Во интерпелацијата се посочува и селективно постапување на полицијата и применување двојни стандарди, при што се нотираат случаи во кои институциите различно реагирале во зависност од политичката или етничката припадност на сторителите.

Левица го обвинува министерот и за партизација на Министерството за внатрешни работи, претворајќи ја полицијата во инструмент за заштита на партиски интереси наместо во професионална и непристрасна институција во служба на граѓаните.

Дополнително, во интерпелацијата се наведуваат сериозни пропусти во работењето на полицијата поврзани со трагедијата во Кочани, како и непостапување во случаи на семејно насилство, фемицид, врсничко насилство, говор на омраза и други кривични дела кои директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.

Посебен дел од интерпелацијата се однесува на сомнежи за судир на интереси, адвокатско-тужбени шеми од периодот пред стапувањето на функцијата министер, како и сомнителни тендерски постапки и поврзаност со фирми за кои постојат индиции за незаконско работење.

Пратеничката група на Левица смета дека наталожените скандали, институционалните пропусти и континуираното нарушување на законитоста во работењето на Министерството за внатрешни работи претставуваат доволна основа за утврдување политичка одговорност на министерот Панче Тошковски.