Skip to main content
Македонија

ТДП влегува во Владата – добива вицепремиер и две заменик-министерски места?!

23/06/2026  11:25

Турската демократска партија (ТДП) е на чекор до влез во Владата, а разговорите со владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат и во наредните денови, потврди претседателот на партијата, Зулфикар Зејнула.

Тој истакна дека ТДП долго време била дел од опозицијата и првичната намера била да остане надвор од власта до следните избори, но дека актуелната состојба на турската заедница наметнала потреба од преиспитување на таа одлука.

„На масата не седиме како политичка партија, туку како партија која ја претставува турската заедница. Постои потреба турската заедница повторно да биде претставена во Владата преку Турската демократска партија“, изјави Зејнула.

Тој нагласи дека ТДП е единствената турска партија која има парламентарно претставување и дека поддршката добиена на последните локални избори им носи дополнителна одговорност.

Според неофицијални информации, ТДП во рамки на договорот за влез во Владата би добила едно вицепремиерско место и две заменик-министерски позиции. Се шпекулира дека станува збор за функциите заменик-министер за одбрана и заменик-министер за земјоделство, но засега нема официјална потврда за кадровските решенија.

Зејнула оцени дека иако во актуелната Влада има турска партија, недостатокот на парламентарно претставување го отежнува силното застапување на интересите на турската заедница, поради што, според него, е неопходно да се воспостави поефикасен механизам за нејзино претставување во извршната власт.

Се очекува во наредните денови да биде познат конечниот исход од разговорите и евентуалната распределба на функциите во рамки на владината реконструкција.