
Со конференцијата „Future Shift: Економија, технологија, млади“ официјално започна со работа РЕФОРМ5
Менталното здравје е најголемиот предизвик со кој се соочуваат младите во Македонија. Истражувањата покажуваат дека депресијата, анксиозноста, стресот и чувството на осаменост се меѓу најчестите проблеми што ја обликуваат секојдневната реалност на младите генерации.
Како една од поентите беше издвоен фактот дека менталното здравје повеќе не смее да биде табу тема. Притисокот од образованието, очекувањата за успех, неизвесноста околу иднината и влијанието на социјалните мрежи создаваат сериозен товар врз младите, кој бара системски одговор.
Професорката по психологија на Универзитетот „Св, Кирил и Методиј“ Софија Георгиевска претстави исттражување кое покажа драматични податоци околу грижата за менталното здравје.
Голем дел од младите помош за своето ментално здравје бараат преку интернет и новите алатки на Вештачката интелигенција поради анонимноста и лесната достапност.
Од друга страна, повеќе од половина од испитаниците не одат на психотерапевт затоа што финансиски не можат да си го дозволат, а ист толкав процент не посетува психотерапевт поради срам и осуда од околината.
„На младите им е потребна поголема и подостапна поддршка. Загрижува фактот што значителен дел од младите не ја добиваат потребната помош кога се соочуваат со тешки животни ситуации, најчесто поради страв од осуда, стигма или недоверба во системот, Поддршката за младите започнува во заедницата. Семејството, пријателите, училиштата и младинските организации мора да бидат дел од поширока мрежа која ќе создава безбедна средина за разговор, поддршка и навремена помош“ рече професорката Георгиевска.
На конференцијата заеднички беше заклучено дека грижата за менталното здравје на младите не е само здравствено прашање – тоа е инвестиција во иднината на државата и предуслов за здраво, продуктивно и отпорно општество.



