
Едно лице е убиено, а друго е тешко рането во вооружен напад што попладнево се случил во кафе-бар во населбата Кумодраж, во белградската општина Вождовац.
Според првичните информации, пукотницата се случила околу 16 часот, кога засега непознат напаѓач отворил оган кон двајца мажи кои се наоѓале во локалот. По нападот, сторителот избегал од местото на настанот.
Екипа на Итната медицинска помош пристигнала веднаш по пријавата, но за едниот маж можела само да констатира смрт. Од службата за РТС изјавиле дека второто повредено лице најверојатно било пренесено во Военомедицинска академија со приватно возило.
На местото на настанот е извршен увид, а српската полиција започна интензивна потрага по напаѓачот. Во сила е акцијата „Виор 3“, која се активира во случаи на тешки кривични дела и потрага по вооружени осомничени лица.
Според белградските медиуми, напаѓачот испукал повеќе куршуми кон жртвите пред да побегне, а мотивот за нападот засега не е познат. Истрагата е во тек.

