
Циклонски систем со центар над Турција во деновите вторник и среда (23/24 јуни) во Македонија атмосферата ќе ја одржува многу нестабилна и често ќе има појава на поројни врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Поради големата енергија во атмосферата и поради тоа што истата е загреана локално процесите ќе бидат интензивни и ќе има појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни и чести електрични празнења и со појава на град. Токму поради ваквиот развој на временските услови апелирам граѓаните да обратат поголема внимателност.
И во Скопје и околината во погоре споменатиот период ќе има појава на повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови и за појава на невреме проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни и чести електрични празнења и со појава на град.
Температурите во овие два дена во Македонија ќе се искачуваат во интервалот од 27 до 35 степени а во Скопје и околината температурата ќе се искачи до околу 32/33 степени. Тоа значи дека и покрај многу нестабилното време со врнежи, грмежи и со појава на локално невреме, сепак останува топло.
Да напоменам дека за време на поголемата нестабилност локално ќе наврне поголемо количество на воден талог (над 20/30 литри дожд на метар квадратен).

