
Бројот на претплатници со пристап до интернет преку оптичка мрежа во четвртиот квартал лани во државава изнесувал 228.581 – раст од 2,57 проценти споредено со претходниот квартал, а од 14,24 проценти во однос на истиот квартал од 2024 година, покажуваат податоците на Агенцијата за електронски комуникации.
Пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилни мрежи (2G/3G/4G) во четвртиот квартал лани имале 1.654.137 претплатници, што претставува пад од 7,16 проценти во однос на претходниот квартал и раст од 2,92 проценти во однос на четвртиот квартал од 2024 година.
Според Извештајот за развој на пазарот на електронските комуникации во четвртиот квартал лани, бројот на претплатници на пристап до интернет со широк опсег изнесувал 555.415 претплатници и бележи раст од 0,92 проценти во однос на третиот квартал од 2025 година, додека споредено со четвртиот квартал од 2024 година е зголемен за 1,61 проценти.
Широкопојасен пристап до интернет со брзина до и од 100 Mbps имале 97.667 претплатници, од 50 до 100 Mbps 163.397, од 20 до 30 Mbps 107.687, од 16 до 20 Mbps 3.991, од 12 до 16 Mbps 25.168, од 8 до 12 Mbps 31.116, од 4 до 8 Mbps 11.094, а до 4 Mbps 5.951 претплатници
Уделот на претплатници на пристап до интернет по технологии покажува дека со пристап преку јавна оптичка мрежа биле 41,15 проценти, по што следуваат тие со пристап преку јавна CaTV мрежа нивниот удел е 20,49 проценти, преку јавна комуникациска мрежа xDSL со 16,68 проценти, преку LAN мрежа 3,71 процент, преку јавна радиокомуникациска мрежа (не се вклучени претплатници преку мобилни мрежи) 1,11 проценти и преку изнајмени линии 0,30 проценти.
Според извештајот на АЕК, вкупниот број на активни претплатници во мобилната телефонија во последното тримесечје од минатата година изнесувал 1.992.046, што е за 5,39 проценти помалку во однос на претходниот квартал и за 0,82 проценти повеќе во однос на истиот квартал од претходната година.
Во пазарниот удел според број на претплатници А1 Македонија учествува со 47,01 проценти, Македонски Телеком со 46,37 проценти, МТЕЛ, 5,13 проценти, Телекабел 1,39 проценти, Греен Мобиле 0,10 проценти, во вкупниот број на активни претплатници кои во последните три месеци
предизвикале на некој начин електронски комуникациски настан.
Кај приходите, Македонски Телеком има удел од 51,83 проценти, А1 Македонија, 46,48 проценти, МТЕЛ, 0,85 проценти, Телекабел, 0,74 проценти, Греен Мобиле, 0,10 проценти.
Во четвртиот квартал лани, претплатниците во мобилната телефонија просечно зборувале 231,44 минути. Најголем дел се остварува во сопствена мобилна мрежа и изнесува 146,09 минути. Сообраќајот кон други мобилни мрежи во државава е значително помал и изнесува 81,63 минути. Просечно иницирале 105,76 повици месечно.
Во четвртиот квартал лани регистрирани се 463.276 претплатници со фиксна линија, кои просечно иницирале 4,59 повици месечно.
Вкупниот број на претплатници на ТВ-Услуги во четвртиот квартал од 2025 година изнесува 443.780, кој споредено со претходниот квартал е зголемен за 0,36 проценти, а во однос на четвртиот квартал од 2024 година за 1,35 проценти.
Кај бројот на претплатниците на кабелска телевизија има пад од 1,38 проценти на квартално ниво, а од 5,02 проценти на годишно. Пад има и кај претплатници кои ја користат услугата DVB-T од 1,93 проценти на квартално и од 3,58 проценти на годишно ниво. Раст од 2,59 проценти на квартално и од 9,2 проценти ма годишно ниво има кај претплатници на IPTV, како и кај претплатници на сателитска телевизија од 1,07 проценти на годишно ниво.

