Skip to main content
Свет

Железничка несреќа во Британија, еден загинат, стотици повредени

20/06/2026  11:00

Едно лице загина, а 89 се повредени во тешкиот судир на два патнички воза во близина на Бедфорд, северно од Лондон, по што британските служби прогласија голем инцидент и започнаа обемна спасувачка операција.

Во несреќата загинал еден од машиновозачите. Од повредените, 11 лица се здобиле со исклучително тешки повреди, 22 биле сериозно повредени, а уште 56 патници имале полесни повреди.

Судирот се случил во петокот околу 17:15 часот по локално време, јужно од Бедфорд, во близина на Кемпстон Хардвик. Во несреќата учествувале два воза на компанијата „Ист Мидлендс Рејлвеј“, кои патувале кон лондонската станица Сент Панкрас.

Според првичните информации, возот што сообраќал од Корби кон Лондон удрил во задниот дел на композицијата што тргнала од Нотингем. Снимките од местото покажуваат дека предниот дел на едниот воз се забил во задниот дел на другиот, додека најмалку еден вагон излетал од шините.

Патниците опишале силен и ненадеен удар, по кој луѓето биле исфрлени од седиштата, а во вагоните настанале паника, чад и повици за помош.

На местото биле испратени повеќе од 20 амбулантни возила, шест воздушни амбуланти, пожарникари, полиција и специјализирани спасувачки тимови. Во најинтензивниот дел од операцијата биле ангажирани околу 50 пожарникари.

Повредените биле пренесени во повеќе болници во регионот, додека здравствените власти апелирале граѓаните да не ги посетуваат ургентните центри освен во итни случаи, за медицинските екипи да можат да им помогнат на жртвите од несреќата.

Британскиот премиер Кир Стармер изрази сочувство до семејството на загинатиот и порача дека неговите мисли се со сите сериозно повредени патници.

Железничкиот сообраќај на главната линија меѓу Лондон, Бедфорд, Нотингем, Дерби и Шефилд бил прекинат, а голем број патници биле предупредени да не тргнуваат на пат.

На местото пристигнале и истражители од британската Агенција за истрага на железнички несреќи. Причината за судирот засега не е официјално утврдена и надлежните предупредија да не се изнесуваат заклучоци пред да бидат анализирани сигнализацијата, движењето на возовите и податоците од системите за контрола.

Несреќата е една од најтешките на британската железничка мрежа во последните две децении според бројот на сериозно повредени патници.