
Денеска, според најавите, треба да се одржи средба на партиските раководства на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ каде тема ќе биде евентуалната реконструкција на владата.
Од коалицискиот партнер ЗНАМ, тврдат дека нивните министри досега одлично ја врпат својата работа.
Министерот за јавна администрација од редовите на ЗНАМ Горан Минчев во интервју за Канал 5 откри дека веќе имаат направило детална евалуација на двегодишното работење на сите нивни функционери и дека ставот на партијата оти нивните кадри одлично си ја вршат својата работа.
Премиерот Христијан Мицкоски на роденденот на партијата, пред почетокот на разговорите, рече дека на некои функционери им е поблиска фотелјата од народот.
Премиерот тогаш нагласи дека внимателно ги следи состојбите во институциите и дека не е задоволен од појавите кај дел од функционерите кои се оддалечуваат од принципите врз кои е формирана Владата.
Тој посочи дека до него пристигнуваат забелешки за недоволна достапност на дел од министрите и директорите, како и за оддалечување од секојдневните проблеми и потреби на граѓаните. Мицкоски јасно порача дека Владата е избрана да му служи на народот, а не да ужива во привилегиите на власта, додавајќи дека секој функционер мора да биде достапен, посветен и постојано присутен меѓу граѓаните.
Во своето обраќање тој нагласи дека нема да толерира несовесност, неодговорност и отстапување од принципите врз кои се темели работата на Владата, без разлика на функцијата што некој ја извршува.


