
Генералниот секретар на Европската организација за закони на игри на среќа (EOGL), Зоран Пухач, на денешната јавна расправа пред собраниската Комисија за финансирање и буџет упати сериозни критики и предупредувања за катастрофалните последици од Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри. Пухач, присуствуваше на јавната расправа на законот на покана на АСОМ.
Тој пред пратениците детално ја елаборираше погубната математика на предложените измени, потенцирајќи дека тие се насочени кон директно уништување на спортските обложувалници преку оданочување на непостоечки профити и одземање на нивната финансиска сигурност.
„Познавачите на игрите на среќа знаат дека секој облик има свои законитости. Спортското обложување е единствената игра на среќа каде што заработката е неизвесна и постои реална можност за влегување во загуби. Кога во најпопуларните лиги ќе дојдат реалните резултати, секоја, па и најдобрата светска обложувалница неколку пати годишно влегува во минус. Тоа не постои во другите игри на среќа каде што секогаш има некаква загарантирана добивка“, истакна Пухач на јавната расправа.
Европскиот експерт жестоко го критикуваше и новиот модел на оданочување, особено воведувањето на минималната фиксна давачка од 1.000 евра по уплатно место, нарекувајќи го економски апсурд кој води кон директна пропаст. Тој посочи дека златниот стандард во Европа е оданочување на разликата меѓу уплатата и исплатата.
„Кога оданочувањето на разликата не достигнува сума од 1.000 евра, вие директно оданочувате нешто што не постои. Ако реалната заработка е 500 евра, вие оданочувате 1.000. Значи, ги оданочувате другите 500 евра кои ги нема, односно ја туркате компанијата во загуба. Сè друго води директно кон оданочување на загубите и тоа не е логично. Ваква одредба нема во друг закон во светот и тоа не е случајно, бидејќи води кон гаснење на легалниот пазар на игри на среќа“, предупреди Пухач.
Осврнувајќи се на нелогичните давачки и третирањето на дислоцираните локали како нови објекти, Пухач потсети дека европската пракса бара стабилно и предвидливо законско опкружување. Тој ја предупреди државата дека нарушувањето на стекнатите права создава несигурен деловен амбиент кој најчесто резултира со милионски барања за отштета на меѓународните арбитражи.
Дополнително, Пухач го разби митот дека државниот монопол на интернет се прави за заштита на младите, нарекувајќи го несериозен аргумент во 21 век. Тој посочи дека приватните компании во Европа користат софтверски решенија кои со само два клика совршено ја контролираат возраста, количината и редовноста на уплатите. Со монополот, според него, државата само губи дополнителни приходи од лиценци и даноци кои би ги плаќале приватните приредувачи.
На крајот, Пухач ги потсети пратениците на горкото искуство на државите кои се обиделе да го забранат или драстично да го ограничат легалното коцкање, посочувајќи ги примерите со американската прохибиција и неодамнешниот случај во соседна Албанија.
„Тие ги затворија своите пазари за легално работење и се соочија со развој на црниот пазар, криминал и голем одлив на пари кои инаку би завршиле во буџетот. Наместо тоа, напорите треба да се насочат кон превентива и едукација, а не кон стотици метри оддалеченост кои не значат ништо. Зошто се следи погубен модел, кога може да ги следите успешните европски модели“, порача Пухач во своето обраќање.



