Skip to main content
Македонија

Радев не сака средба со Мицкоски: Нема потреба од нов разговор

18/06/2026  19:25

Бугарскиот претседател порача дека консензусот од јули 2022 година мора целосно да се почитува, а уставните измени остануваат клучен услов за отворање на првиот кластер во преговорите со ЕУ.

Бугарскиот претседател Румен Радев оцени дека во Европската Унија постои колебање кај дел од европските лидери во однос на договорените позиции за Македонија, поради што, како што рече, повторно ќе бидат потребни дипломатски напори за да се зачува консензусот постигнат во јули 2022 година.

„Кога присуствував на средба во Црна Гора, забележав сериозни отстапувања во позициите на некои лидери. Повторно треба да вложиме максимални напори да ги убедиме каде и како треба да се постави Европа како заеднички сојуз, за да ги заштитиме интересите и правата на сите граѓани. Постоело колебање во ставовите на повеќе европски лидери во периодот додека ме немаше во ЕУ. Некој не си ја завршил работата. Сега повторно треба да ги убедиме лидерите дека консензусот постигнат во јули 2022 година мора да се почитува“, изјави Радев.

Неговите коментари доаѓаат само еден ден по усвојувањето на извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент.

Во конечната верзија на извештајот остануваат клучните барања поврзани со билатералните обврски меѓу Скопје и Софија. Во текстот се задржува Вториот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија, се бара историската комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, се потврдува обврската за целосно спроведување на договорот со Бугарија, а уставните измени повторно се истакнуваат како главен предуслов за отворање на првиот преговарачки кластер со Европската Унија.

Осврнувајќи се и на инцидентот со палењето на два дипломатски автомобили пред бугарската амбасада во Скопје, Радев изјави дека не гледа потреба од средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, оценувајќи дека „нема што повеќе да си кажат“. Тој повтори дека, според него, македонското политичко раководство прави сè за да го одложи процесот на членство во Европската Унија.

Пораките на бугарскиот претседател се толкуваат како сигнал дека Софија ќе продолжи да инсистира на целосно исполнување на обврските преземени во 2022 година, вклучително и уставните измени, спроведувањето на договорените протоколи и конкретен напредок во работата на историската комисија, како предуслов за натамошен напредок на Македонија во пристапните преговори со Европската Унија.