Skip to main content
Балкан

Петрова-Чамова: Бугарија е против некои санкции на ЕУ кон Русија

17/06/2026  22:03

Шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова-Чамова денеска изјави дека Софија не поддржува воведување на симболични санкции од Европската Унија кон рускиот патријарх Кирил.

– Бугарскиот став е јасен, ги поддржуваме санкциите против Русија, кои имаат економски ефект, со кои не се казнуваат земјите-членки туку земјата која води војна и кои не се симболични, посочи Петрова-Чамова.

Таа додаде дека ако се воведат санкции против рускиот патријарх Кирил ќе се создаде „плодна почва за антиевропска пропаганда“ сугерирајќи оти Европа се меша во црковните работи.

Бугарската министерка за надворешни работи истакна дека има низа елементи од санкциите на Европска Унија што Бугарија не ги поддржува.

– Од една страна, тие се поврзани со енергетската линија со цел да се обезбеди енергетска стабилност на земјата. Другите санкциите се поврзани со рускиот патријарх Кирил, кои спаѓаат во категоријата симболични санкции, кои имаат потенцијал да бидат контрапродуктивни, наведе Петрова-Чамова.

Според неа, санкциите имаат за цел да имаат економски последици, со цел да се постигне ситуација во која продолжувањето на војната не е добро решение и да се седне на преговарачка маса.

– Не мислам дека ограничувањето на финансиските средства на рускиот патријарх во одредени банки ќе ги спречи неговите активности, посочи Петрова-Чамова.

Името на поглаварот на Руската православна црква, поддржувач на војната во Украина, редовно се споменува како потенцијално дополнување на листата на санкции. Во јуни 2022 година, неговото ставање на црната листа на ЕУ беше блокирано од тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан.

ЕУ пред два дена соопшти дека воведува санкции против 81 лице и организации, а продолжуваат разговорите за 21-от пакет санкции против Русија од нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.