
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 44-годишен скопјанец, кој е осомничен за кривичното дело „Предизвикување општа опасност“ од член 288 од Кривичниот законик, откако запалил две дипломатски возила пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Според Обвинителството, инцидентот се случил на 15 јуни околу пладне на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, кога осомничениот со пожар предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето, како и за имот од поголеми размери.
Истрагата покажала дека тој најпрво излегол од својот дом, со автобус пристигнал во центарот на Скопје, а потоа на бензинска пумпа во близина на Амбасадата купил бензин кој го ставил во пластично шише.
Потоа се упатил кон двете паркирани дипломатски возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија, ги полеал со бензин и ги запалил со запалка. Веднаш по предизвикувањето на пожарот го напуштил местото на настанот.
Јавниот обвинител оцени дека се исполнети законските услови за определување мерка притвор, имајќи ја предвид тежината на делото, фактот дека било извршено врз дипломатски возила, како и околноста што инцидентот се случил среде бел ден, во централното градско подрачје каде што во тој период има голема фреквенција на луѓе и возила.
Поради тоа, до Основниот кривичен суд е доставен предлог за определување мерка притвор за осомничениот во текот на кривичната постапка.



