Skip to main content
Македонија

Нови правила на патарините: М-картата повеќе нема да може да се користи на М-таг лентите

15/06/2026  09:15

Јавното претпријатие за државни патишта воведува нови правила за плаќање на патарините, со цел да се подобри протокот на возила и да се намалат застоите на наплатните станици.

Согласно новите измени, лентите означени за М-таг (MTAG) отсега ќе бидат наменети исклучиво за возила што користат електронски таг за автоматска наплата на патарината. На овие ленти повеќе нема да биде дозволено плаќање со М-карта (MCard).

Возачите кои користат М-карта ќе треба патарината да ја плаќаат на останатите ленти на наплатните станици, во согласност со поставената патна сигнализација и нивната намена.

Од Јавното претпријатие за државни патишта апелираат до сите учесници во сообраќајот внимателно да ги следат електронските информативни табли и патната сигнализација поставени пред и на самите патарини. На тој начин, како што посочуваат, ќе се избегнат непотребни задржувања, формирање колони и застои во сообраќајот.

Надлежните нагласуваат дека промените се воведуваат со цел да се овозможи побрзо поминување на возилата кои користат електронски таг, како и поефикасно функционирање на наплатниот систем на државните патишта.

Возачите се потсетуваат дека:

  • лентите за М-таг треба да се користат исклучиво доколку плаќањето се врши со електронски таг;
  • плаќањето со М-карта се врши на останатите соодветно означени наплатни ленти;
  • задолжително треба да се следат патната сигнализација и електронските табли со информации во реално време.