
Соопштение за јавност на Левица:
На вчерашната собраниска седница, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, остро го критикуваше владиниот Предлог-законот за игри на среќа, оценувајќи дека тоа не носи суштински промени и продолжува да ги штити интересите на коцкарското лоби.
„Да беше 2023 година и сегашниот вицепремиер Изет Меџити да беше во опозиција, ќе излезеше на оваа говорница и ќе кажеше дека овој закон е смешен. Токму тој тогаш тврдеше дека растојанието од 500 метри за дислокација на коцкарниците е недоволно и најавуваше амандман со кој тие би биле оддалечени најмалку три километри од училиштата и населените места”, истакна Мојсоска.
Таа најави дека Левица ќе поднесе амандмани на законот за оддалеченост од 3 километри и ги повика пратениците од владејачкото мнозинство да ги поддржат решенијата кои самите ги застапувале додека биле во опозиција.
Мојсоска посочи дека околу 80 проценти од бизнисот со казина во Македонија е поврзан со австриската компанија ,,Новоматик” и потсети на бројни меѓународни контроверзии поврзани со оваа компанија.
„Уште во 2015 година, Блумберг објави дека казина на Новоматик во Парагвај, Перу и Јужна Африка биле посочени од американските власти како канали за перење пари од криминални организации и нарко-картели. Колку е поголем бројот на казина и коцкарници во една држава, толку е повисоко нивото на организиран криминал. Со ваквата експанзија на коцкарската индустрија, Македонија станува рај за организираниот криминал”, нагласи таа.
Пратеничката од Левица потсети и на истрагите што ги водат австриските обвинителски органи против „Новоматик” поради сомнежи за поткуп и политичко влијание при добивање лиценци за коцкарски активности.
„Ако Новоматик успеала да влијае врз политичари во Австрија, тогаш можеме само да претпоставиме колкаво влијание има врз политичарите во Македонија. Токму затоа оваа власт не смее да ги затвори казината – затоа што преку нив се врти и се пере црниот кеш”, истакна Мојсоска.


