Skip to main content
Фудбал

Чешка водеше, па остана без бодови – Корејците режираа спектакл на Мундијалот

12/06/2026  12:22

Вториот натпревар на Светското првенство 2026 донесе вистински спектакл и драматичен пресврт. Репрезентацијата на Јужна Кореја со 2:1 ја совлада Чешка во натпревар од Групата А, иако прва се најде во резултатска негатива.

Средбата во Гвадалахара понуди тактичка битка помеѓу две сосема различни фудбалски филозофии. Јужна Кореја се потпираше на брза, технички прецизна игра и контрола на топката, додека Чешка својата најголема закана ја создаваше преку воздушните дуели, прекините и физичката надмоќ.

Во првото полувреме најголемото внимание го привлече капитенот на Јужна Кореја, Хеунг-Мин Сон, кој пропушти неколку одлични можности да го отвори резултатот. Корејците создаваа шанси, но чешкиот голман Матеј Ковар успешно ја чуваше својата мрежа.

Казната за промашувањата стигна во 59. минута. По долг аут на Владимир Куфал, највисоко во противничкиот шеснаесетник скокна Ладислав Крејчи и со силен удар со глава ја затресе мрежата за водство на Чешка од 1:0.

Но, предноста на европската селекција траеше само неколку минути. Во 67. минута Ин-Беом Хванг изведе вистинска мајсторија. По асистенцијата од Канг-Ин Ли, со елегантен потег ја измами чешката одбрана и со прецизен лоб удар го совлада Ковар за израмнување на 1:1.

По постигнатиот гол, селекторот на Јужна Кореја направи храбар потег и го повлече Сон од игра, а шансата ја доби резервистот Хјеон-Гју Ох. Тоа се покажа како клучен момент на натпреварот.

Во 77. минута Чешка накратко славеше нов погодок преку Томаш Соучек, но по сигнализацијата на помошниот судија и ВАР-проверката голот беше поништен поради офсајд.

Само три минути подоцна следуваше целосен пресврт. Повторно Ин-Беом Хванг беше креатор на акцијата, испраќајќи остар центаршут од десната страна, а резервистот Хјеон-Гју Ох најдобро се снајде пред голот и ја испрати топката во мрежата за водство на Јужна Кореја од 2:1.

До крајот Чешка силно притискаше во потрага по израмнување, но корејскиот голман Ким Сеунг-Гју со фантастична интервенција буквално ја исчисти топката од гол-линијата и ја сочува победата на својот тим.

Со оваа победа Јужна Кореја ги освои првите три бода на шампионатот и направи голем чекор кон следната фаза, додека Чешка ќе мора брзо да се опорави доколку сака да остане во трката за пласман.

Претходно, во првиот натпревар од Групата А, домаќинот Мексико со 2:0 ја совлада Јужна Африка. На стадионот „Ацтека“ стрелци беа Кињонес и Хименез, а дуелот остана запаметен и по исклучително грубата игра, во која беа покажани дури три црвени картони.