Skip to main content
Македонија

ТХП поднесе претставки до ДКСК и КСЗД поради распределбата на средствата од Министерството за односи меѓу заедниците

12/06/2026  10:59

Соопштение за јавност наТХП:

Партијата за движење на Турците (ТХП) денес поднесе претставки до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), барајќи институционална проверка на постапката за распределба на финансиските средства од Министерството за односи меѓу заедниците за 2026 година.

Повод за поднесување на претставките се јавно објавените резултати од конкурсот, според кои финансиска поддршка добиле 36 проекти на здруженија и фондации, додека ниту еден проект на организација што дејствува во интерес на турската заедница не бил избран за финансирање.

Како политички субјект кој ги застапува интересите на турската заедница во Република Северна Македонија, ТХП изразува сериозна загриженост поради ваквиот исход и смета дека надлежните институции се должни да утврдат дали постапката била спроведена законски, транспарентно и без дискриминација.

Во претставката до ДКСК се бара испитување на целокупната постапка за распределба на средствата, начинот на примена на критериумите за избор, како и проверка за евентуален судир на интереси, пристрасност или други неправилности во процесот на одлучување.

Во претставката до КСЗД се бара да се утврди дали во конкретниот случај постои директна или индиректна дискриминација врз основа на етничка припадност, односно дали организациите што дејствуваат во интерес на турската заедница биле ставени во понеповолна положба во однос на организациите на другите заедници.

ТХП не бара привилегии за ниту една заедница, туку доследна примена на принципите на еднаквост, правичност и транспарентност кои се темел на демократското општество. Сметаме дека институциите имаат обврска да обезбедат еднаков пристап до јавните средства за сите заедници и да гарантираат дека процесите на одлучување се ослободени од каква било дискриминација или политичко влијание.Очекуваме ДКСК и КСЗД во најкус можен рок да ги разгледаат поднесените претставки, да ги утврдат сите релевантни факти и да постапат согласно своите законски надлежности.