Skip to main content
Македонија

Савески: Предметот „Мазут“ е во Вишото јавно обвинителство, а случајот со шпионажа во кабинетот на претседателката е во завршна фаза

11/06/2026  15:19

Јавниот обвинител Ненад Савески изјави дека останува на принципиелниот став да не коментира политички изјави, но нагласи дека комуникацијата со извршната власт, вклучително и контактите со премиерот, не ја смета за спорна и потенцира дека таа не влијае врз независноста во одлучувањето. Во контекст на зголемените јавни критики и изјави од политичкиот врв за работата на обвинителството, Савески истакна дека очекувањата за резултати се легитимни, но дека самостојноста на институцијата е загарантирана со Устав и закони. Паралелно, информира дека истрагата за случајот со шпионажа во кабинетот на претседателката е во завршна фаза, додека предметот „Мазут“ е во постапка пред Вишото јавно обвинителство, од каде се очекува одлука во законски предвидениот рок.

– Сè уште стојам на ставот дека нема да коментирам изјави на политичари, вклучително и функционери, или конкретно претседателот на Владата. Меѓутоа, како што кажав и претходно, секој има право да ги изнесува своите ставови, а ние имаме обврска да ги исполниме очекувањата и да дадеме резултати, што е сосема природно, изјави Савески

Во однос на изјавите на премиерот дека „трпението му е при крај“, како и неговото право да комуницира со обвинителството, Савески вели дека не гледа ништо спорно во самата комуникација.

– Не знам во колкава мера е тоа надлежност на премиерот – покрај останатото – да се јавува кај јавен обвинител, меѓутоа, како и секој друг што има право да ми се јави, ми се јави и премиерот, односно претседателот на Владата, и тука не гледам ништо спорно. Сум истакнал и во моите претходни изјави дека секогаш сум за соработка меѓу институциите. Во овој случај, комуникацијата помеѓу Јавното обвинителство и другите институции сметам дека е неопходна, со цел постигнување резултати. А за да се постигнат резултати, потребно е да се обезбедат и услови. Во голем дел, токму извршната власт има задача и улога да обезбеди услови за работа на јавните обвинители рече Савески.

Тој ја отфрли можноста ваквите комуникации да влијаат врз самостојноста на Обвинителството.

– Самостојноста е неспорна и е предвидена и во Уставот и во матичните закони по кои постапува Јавното обвинителство. Така што, било каква реакција не можам да ја сметам како влијание врз мене при носењето одлуки или постапувањето. Во оваа прилика испраќам порака и до сите јавни обвинители – без оглед на различни активности, дејствија или изјави – да не дозволат тоа да се одрази врз нивното секојдневно постапување и одлучување – изјави јавниот обвинител.

Во однос на актуелните предмети, Савески информира дека истрагата за случајот со шпионажа во кабинетот на претседателката е во завршна фаза.

– Она што е најново е дека имаше состанок со истражителите, односно со истражителите од МВР и тимот на истражители кој работи на овој случај во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Имаше координативен состанок на кој присуствував и јас. Се изготви план за понатамошни истражни дејствија. Според информациите со кои имав увид, како од надлежниот јавен обвинител, така и од истражителите, истражните дејствија се во завршна фаза, така што сметам дека во скоро време ќе има јавнообвинителска одлука во врска со тој случај – рече тој, додавајќи дека видеоснимките се предадени и се предмет на анализа.

За предметот „Мазут“, пак, посочи дека моментално е во Вишото јавно обвинителство Скопје. 

– Последниот податок што го имам е дека предметот веќе е предаден – и како физички предмет – од страна на Обвинителството за гонење организиран криминал до Вишото јавно обвинителство Скопје. Релативниот рок од 30 дена сè уште тече, така што очекувам дека во разумен рок, кој му е потребен на надлежниот виш јавен обвинител, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука и јавноста ќе биде соодветно информирана – посочи тој во изјава за медиуми по денешната седница на Советот на јавни обвинители.