Skip to main content
Македонија

Николовски: Трипуновски мора да си замине – земјоделството е во хаос, а институциите се разнишани од корупциски скандали

09/06/2026  22:01

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата утре во Собранието ќе ја отвори интерпелацијата против министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. Пратеникот и поранешен министер за земјоделство Љупчо Николовски, во пресрет на собраниската расправа, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ порача дека интерпелацијата претставува јасно барање за политичка одговорност и оставка поради, како што оцени, катастрофалните резултати во земјоделскиот сектор.

Според Николовски, незадоволството кај земјоделците е огромно, а актуелното раководство на Министерството ја изгубило довербата поради серијата корупциски афери и лошите економски показатели.

„Ретко во историјата на македонското земјоделство може да се најде момент кога целото опкружување на еден министер е обвинето за корупција. Клучни директори на институции кои секојдневно го координираат секторот – во Министерството, Платежната агенција и Државниот инспекторат за земјоделство – беа фатени со мито од 50.000 и 100.000 евра. Овие луѓе, како и блиски соработници од кабинетот на министерот, денес се во притвор, а веќе има и осудителни пресуди. Трипуновски повеќе нема ниту интегритет ниту доверба да ја врши функцијата“, изјави Николовски.

Тој обвини дека со последниот ребаланс на Буџетот, за првпат по 15 години се намалуваат средствата за субвенции, наместо, како што било пракса претходно, тие да се зголемуваат во текот на годината.

Николовски наведе дека е укината авансната исплата на 30 проценти од субвенциите, мерка воведена за земјоделците навреме да добијат финансиска поддршка пред почетокот на производствената сезона. Според него, укинати се и програмите за поддршка на малите производители на храна и малите семејни винарии.

Особено загрижувачко, според него, е намалувањето на субвенциите во сточарството. Наместо најавеното зголемување на поддршката по грло говеда од 12.000 на 20.000 денари, Владата ја намалила на 8.000 денари.

Поранешниот министер обвини и за воведување, како што рече, „коруптивни мерки“ преку кои со стотици илјади евра се фаворизираат поединци наместо вистинските земјоделци, најавувајќи дека СДСМ ќе покрене постапки пред надлежните институции.

Осврнувајќи се на состојбите на терен, Николовски рече дека официјалните податоци покажуваат драматичен пад на земјоделското производство.

„Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека само во првиот квартал од 2026 година имаме драстичен пад на откупот на земјоделски производи од индивидуалните земјоделци за над 40 проценти, што значи околу 30 милиони евра помалку свеж капитал во руралните средини“, истакна тој.

Дополнително, според Николовски, откупната цена на тутунот е намалена од 100 на 80 денари, додека цената на оризот е преполовена во споредба со пред две години. Тој додаде дека субвенциите за тутунарите, сточарите, градинарите, пчеларите и живинарите доцнат со месеци, оставајќи ги земјоделците без неопходните средства за новата производствена сезона.

Одговарајќи на критиките од ВМРО-ДПМНЕ дека и во времето на СДСМ имало доцнење на субвенциите, Николовски рече дека во 2016 година затекнале стотици милиони евра неисплатени обврски и партиски списоци за распределба на субвенциите.

„Она што го ветивме, го исполнивме. Воведовме зелена нафта, го вративме персоналниот данок на земјоделците, ја зголемивме поддршката за младите земјоделци на 20.000 евра и реализиравме 90 проценти од ветената програма, истовремено решавајќи ги сите наследени долгови. Денес, за жал, повторно се враќа хаосот каде што нема ниту ред, ниту пари за вистинските производители“, заклучи Николовски.