
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје ја уважи жалбата и ја прифати понудената гаранција на осомничениот С.Б. со што се укинува мерката притвор што му беше претходно определена.
Како што соопштуваат од Основниот кривичен суд, Советот постапувал по жалба со понудена гаранција на осомничениот, изјавена против решение на судија на претходна постапка од 4 јуни 2026 година, со кое, по предлог на надлежниот јавен обвинител, му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена.
– Определената гаранција се состои од готови средства во износ од 55.000 евра во денарска противвредност, во корист на Република Северна Македонија, а кој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката – се наведува во соопштението.
Дополнително, спрема обвинетиот се определени и мерки на претпазливост согласно член 146 став 1 точка 3 од Законот за кривична постапка, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за преминување на државната граница.
Од Кривичниот суд предупредуваат дека доколку осомничениот не се придржува до определената мерка на претпазливост, судот може да определи други, построги мерки за обезбедување на неговото присуство.


