Skip to main content
Балкан

Белград доби грејс период за да бидат исплатени парите од Планот за раст на Западен Балкан

08/06/2026  20:11

Известителот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, оцени дека Србија, како најголема земја на Западен Балкан, има најголем капацитет да напредува во секоја смисла кон членство во ЕУ, но не го прави тоа и, наместо да отвора нови поглавја од преговорите, постојано отвора нови дилеми и создава тензии кон своите соседи.

Како што пренесоа српски медиуми, Пицула истакна дека на Србија повторно и е даден грејс период за исполнување на потребните услови за да и бидат исплатени парите од Планот за раст за Западен Балкан.

„Зборуваме за сериозни пари, околу една и пол милијарда евра од програмата за реформи и раст. После тоа ништо не се случи, па затоа имаме уште еден грејс период за режимот во Белград, во кој треба да покаже, по којзнае кој пат, добра волја“.

Тој додава дека во тој грејс период, Србија треба да ги отстрани т.н. Мрдиќеви закони (пакет од пет амандмани на судски закони во Србија, именувани по предлагачот и член на владејачкото мнозинство, Угљеша Мрдиќ.),

„За првпат видовме во октомври лани или ноември, кога комесарката за проширување, Марта Кос, исто така објави извештај што беше исклучително критичен кон ситуацијата во Србија, дека во меѓувреме работите ќе станат уште полоши со гласањето на таканаречените Мрдиќеви закони во јануари оваа година, што е едноставно очигледно, е јасен доказ дека владата на Вучиќ не сака да се консултира со ниту една комисија, без разлика дали станува збор за Европската комисија во Брисел или Венецијанската комисија“, вели тој, додавајќи дека тогаш за првпат беше лансирана тезата дека, доколку Србија не го промени своето однесување, Комисијата ќе предложи да се скратат финансиските средства што треба  да одат во Србија.