
Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија
Пред еден месец во колумната „Кога статутот станува пречка – дали пензионерите имаат право на вистински избор?“ го отворив прашањето дали статутарните ограничувања оставаат доволно простор секој пензионер да избира и да биде избран под еднакви услови.
Денес пред нас се појавува ново прашање, кое можеби е уште поважно.
Кој ги поставува правилата на изборниот процес во пензионерските организации?
Повод за ова прашање се Предлог-препораките за одржување на изборите во Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и здруженијата на пензионери за мандатниот период 2027–2031 година.
На прв поглед станува збор за препораки. Но кога внимателно се чита нивната содржина, се забележува дека тие не се ограничуваат само на општи совети. Во нив се предлагаат рокови, критериуми, стандарди и насоки за спроведување на изборниот процес.
Токму затоа се поставува едно суштинско прашање: дали овие препораки имаат исклучиво советодавен карактер или претставуваат обид за воспоставување единствени правила што здруженијата треба да ги следат?
Ова прашање не е техничко. Тоа е поврзано со самиот карактер на Сојузот.
Според неговиот статут, Сојузот е асоцијација на здруженија на пензионери. Тој постои заради заедничко претставување, координација и заштита на интересите на пензионерите. Но здруженијата не се организациони единици на Сојузот. Напротив, тие се негови основачи и носители на неговиот легитимитет.
Оттука произлегува и прашањето: дали Сојузот има улога на координатор или постепено добива улога на центар кој ги определува правилата според кои треба да постапуваат здруженијата?
Ова прашање станува уште поважно ако се има предвид дека во претходниот период веќе беа отворени дилеми околу ограничувањата на правото да се биде избран, условите за кандидирање и начинот на организирање на пензионерските здруженија.
Гледани заедно, овие појави создаваат впечаток дека наместо отворање на организацијата кон пошироко членство, се движиме кон модел во кој правилата, критериумите и процесите сè повеќе се концентрираат во тесен круг на органи и функционери.
Можеби оваа оценка не е точна. Можеби постојат статутарни и правни основи што ја оправдуваат ваквата практика.
Но токму затоа е потребна јавна расправа.
Не заради конфликт.
Не заради личности.
Туку заради принципите врз кои треба да почива секоја демократска организација: законитост, транспарентност, еднаквост и отчетност.
Пензионерите не се само корисници на пензија. Тие се членови на организации што самите ги создале и финансираат. Токму затоа имаат право да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и да учествуваат во обликувањето на правилата по кои тие организации функционираат.
Демократијата не завршува со изборот на раководството.
Таа започнува со правото членовите да знаат кој ги донесува правилата, врз која основа ги донесува и во чие име ги донесува.


