
Европската комисија најави дека ќе предложи дополнителни ограничувачки мерки за издавање шенгенски визи на руски државјани, со цел спречување на можни безбедносни закани, изјави денеска портпарол на Комисијата.
Тој нагласи дека ограничувањето на бројот на шенген визи за руските граѓани е еден од приоритетите на Европската комисија од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година. Според неговите податоци, бројот на издадени визи значително се намалил во последните четири години.
– Пред почетокот на војната Европската Унија годишно издаваше околу четири милиони шенген визи за руски државјани, додека денес бројката е намалена на приближно 500.000 годишно – изјави портпаролот.
Тој потсети дека ЕУ во 2022 година го суспендираше олеснетиот визен режим со Русија и усвои насоки за земјите членки во однос на издавањето визи. Минатата година беа воведени правила според кои, како општо правило, на руските државјани не им се издаваат повеќекратни визи, додаде тој.
– Европската комисија го следи спроведувањето на насоките, а следната година ќе се пристапи кон ревизија на европските визни правила – рече портпаролот.
Тој посочи дека руските војници кои учествувале во војната во Украина би можеле да претставуваат закана за европската безбедност и дека се разгледуваат начини за ограничување на нивниот пристап до шенгенската зона.
Портпаролот нагласи дека секое барање за виза се оценува поединечно. Тој додаде дека неодамна 11 држави од шенгенскиот простор побарале дополнително ограничување или целосно запирање на издавањето визи за руски државјани.

