Skip to main content
Македонија

Љутков: По инцидентот во Кочани, вонредна инспекција покажа дека дел од културните објекти се небезбедни за јавноста

05/06/2026  00:20

Безбедноста во културните институции мора да биде врвен приоритет, бидејќи тие не се само работно место за уметниците, туку и простор што секојдневно го посетуваат голем број граѓани. Ова го истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков во гостувањето на „4ТВ“, откривајќи дека вонредните инспекции спроведени по трагичниот настан во Кочани покажале сериозни проблеми во дел од националните установи.

Според Љутков, Министерството за култура и туризам веднаш реагирало и испратило инспекциски служби во сите национални институции за да ја проверат нивната безбедносна и инфраструктурна состојба.

„Сносиме одговорност и за вработените, но и за граѓаните кои доаѓаат како публика. Инспекцијата констатираше дотраени згради и објекти кои буквално не се во можност повеќе да функционираат. Таков е случајот со Народниот театар ‘Војдан Чернодрински’ во Прилеп, каде што со години никој не се грижел за установата и објектот беше оставен да пропадне“, изјави министерот.

Тој нагласи дека Министерството нема да остане само на констатирање на проблемите, туку веќе работи на конкретни решенија за санација и модернизација на објектите.

Како еден од приоритетните проекти го посочи Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, за кој веќе се подготвува целосно проектно решение.

„При крај сме со изработка на решението. Очекувам до крајот на јули да го имаме комплетното проектно решение за изградба и реконструкција на Народниот театар во Прилеп. Веднаш по најавениот ребаланс на буџетот, планираме да започнеме и со теренска реализација на овој капитален проект“, рече Љутков.

Министерот оцени дека обновата на културната инфраструктура е неопходна не само за подобри услови за работа на културните работници, туку и за гарантирање на безбедноста на публиката која ги посетува театрите, музеите и останатите културни установи низ државата.