
Може ли концерт и илјадници луѓе на исто место да предизвикаат вибрации еднакви на земјотрес?, на ова прашање (позитивен) одговор дава истражувањето на Геодинамичкиот Институт при Националната опсерваторија во Атина, по мерењата извршени за време на концертите на Металика и Ајрон Мејден и Фајналфорот во Атина, со помош на специјални сеизмографи поставени на олимпискиот стадион, јави дописничката на МИА од Атина.
Вибрациите на Металика, на концертот на кој присуствуваа над 80.000 лица, биле речиси двојно посилни од оние на Ајрон Мејден, еднакви на локална магнитуда од 1,5.
Од Геодинамичкиот Институт, уште пред концертот информираа дека со помош на привремено поставена високочувствителна сеизмолошка станица во просторот на олимпискиот стадион, ќе ги регистрираат и проучуват вибрациите и дали може да бидат силни колку и земјотрес, а денеска ги објавија и резултатите.
Станицата работела за време на концертите на Металика на 9 мај и Ајрон Мејден на 23 мај 2026, „континуирано регистрирајќи ги микроскопските движења на тлото предизвикани од десетици илјади посетители“.
– Анализата на податоците покажа дека концертот на Металика произведе значително посилни вибрации во споредба со оној на Ајрон Мејден. Максималните регистрирани забрзувања беа околу 2,5 пати поголеми, додека вкупната сеизмичка енергија што беше измерена одговара на еквивалентна локална магнитуда од приближно 1,5 за Металика и 0,9 за Ајрон Мејден. Иако овие вредности не одговараат на вистински земјотреси, претставуваат корисен начин за квантифицирање и споредување на интензитетот на вибрациите што ги создава публиката, пишува во извештајот.
Сеизмографите ги регистрирале и реакциите на публиката на одредени песни, па така песната што предизвикала најголема сеизмичка реакција на концертот на Металика била „Moth Into Flame“, а на Ајрон Мајден „земјотрес“ предизвикала „Killers“.
Со оглед на тоа што, ден по концертот на Ајрон Мајден, Атина, беше домаќин на финалето на Евролигата што се одигра во затворената сала во Олимпискиот комплекс, привремената сеизмолошка станица работела и за време на натпреварот меѓу Олимпијакос и Реал Мадрид, а податоците покажале дека реакциите на навивачите за време на клучни моменти, а особено при доделувањето на трофејот, создале јасни сеизмички сигнали.
Сепак, од Геодинамичкиот институт објаснуваат дека овие вибрации биле на пониско ниво од оние регистрирани на концертот на Металика, но споредливи со оние од концертот на Ајрон Мајден.
За истражувањето објаснија дека спаѓа во т.н. „сеизмологија на толпата“ (crowd seismology), а „резултатите ги истакнуваат можностите на сеизмологијата да регистрира не само природни појави, туку и влијанието на човечката активност врз животната средина, претворајќи две од најголемите музички манифестации во годината во оригинален теренски научен експеримент“.

