Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Нашата позиција е јасна, бараме принципи и кредибилен и предвидлив процес

02/06/2026  20:21

Нашата позиција е јасна – остануваме цврсто определени кон европскиот пат, не бараме привилегии, не бараме олеснети правила, не бараме нешто што не им припаѓа на другите, бараме принципи и нормално кредибилен и предвидлив процес, бараме процес во кој реформите, трудот, заслугите, и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. 

– Во изминатиот период работиме посветено на реформската агенда, на јакнење на институциите, на стабилизирање на економијата, на привлекување на инвестиции, на подобрување на јавните услуги и на создавање на систем што ќе биде поефикасен, поправеден и поблиску до граѓаните – рече Мицкоски.

Но исто така, додаде премиерот, денес отворено разговаравме и за реалноста што ја чувствуваат многу наши граѓани.

– После години чекање, компромиси, очекувања, исполнети барања и чести промени на политичкиот контекст, природно е во одредена смисла да чувствуваат поголема неизвесност, а од друга страна потребна е поголема извесност. Токму затоа, денес е потребно лидерство, јасност и доверба – рече Мицкоски. 

Премиерот потенцира дека Европа била најсилна тогаш кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности. Кога била простор на можности, правда и предвидливост. – Разговаравме и за економската интеграција, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност, инвестициите, конкурентноста и за отворање нови перспективи за младите генерации. Затоа што европската интеграција не е апстрактна политичка тема. Таа за граѓаните значи поквалитетно образование, подобро здравство, ефикасни институции, сигурни работни места, повисок животен стандард и чувство дека иднината може да се гради дома, а не надвор – рече премиерот Мицкоски. 

На Кошта му рече дека верува во партнерски дијалог, во искрен разговор, меѓусебна почит и заемно разбирање.

– Но, верувам и дека достоинството, идентитетот и принципиелноста не треба да се пречка за европската перспектива-тие се нејзин составен дел – рече Мицкоски.

Кошта на прес-конференцијата повтори дека земјата мора да ги направи уставните измени пред да ги почне преговорите и дека таа обврска е веќе превземена.