
Македонија се наоѓа пред можеби последната реална можност за членство во Европската Унија, а доколку ја пропушти актуелната геополитичка шанса, ризикува да остане на европската периферија заедно со државите кои со години тапкаат во место. На ова предупредува поранешниот претседател Стево Пендаровски во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Според него, сегашниот интерес на Европската Унија за проширување е директно поврзан со руската инвазија врз Украина и без тој геостратешки фактор, Западен Балкан повторно би бил тргнат од агендата на Брисел.
„Јас се плашам дека ова е последниот прозорец на можности отворен исклучиво поради руската инвазија во Украина. Ако денеска заврши војната, верувајте, никој нема да гледа кон Западен Балкан. Ова е итно од геостратешки аспект“, вели Пендаровски.
Тој потсети дека Македонија и Хрватска практично ги започнале европските процеси во ист период, но денес Загреб веќе повеќе од една деценија е дел од Европската Унија, додека Скопје сè уште е во чекалната.
Пендаровски оценува дека доколку земјава ја пропушти оваа можност, постои опасност да остане во групата држави кои се соочуваат со сериозни политички и институционални проблеми.
„Се плашам дека ќе останеме во групата на Босна и Херцеговина и Косово“, посочува тој.
Осврнувајќи се на европските иницијативи за постепено или фазно членство, поранешниот претседател вели дека таков концепт не постои во основните документи на Унијата.
„Или сте членка или не сте членка. Не сум сигурен дека постои правна основа за таканаречено постепено членство“, нагласува Пендаровски.
Тој смета дека Црна Гора останува најсериозен кандидат за следна членка на Европската Унија, но предупредува дека и таму постојат политички прашања кои би можеле да го забават процесот.
Во однос на предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за нови модели на интеграција, Пендаровски оценува дека тој повеќе произлегува од внатрешнополитичките проблеми во Германија и економските предизвици со кои се соочува најголемата европска економија, отколку од стратешка визија за иднината на проширувањето.
Според него, токму затоа Македонија не смее да си дозволи дополнително одложување, бидејќи сегашниот геополитички момент може брзо да исчезне.

