Skip to main content
Македонија

Манасиевски: Нема позитивни сигнали од Бугарија

28/05/2026  20:48

Македонија веќе не води потчинувачка надворешна политика „со главата во ѕид“, туку настапува достоинствено, со аргументи и јасни национални позиции пред меѓународната заедница. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, зборувајќи за актуелните односи со Бугарија и европскиот пат на државата.

Според Манасиевски, во последните две години е видлива промена и во ставовите на европските функционери, кои сè почесто признаваат дека Македонија направила сериозни отстапки во процесот на евроинтеграции и дека се потребни гаранции за да се спречат нови блокади.

„Во изминатиот период гледаме дека и самите европски претставници признаваат дека Македонија направила огромни отстапки. Сè повеќе се зборува за гаранции и за потребата државата да има предвидлив пат кон Европската Унија“, изјави Манасиевски.

Тој оцени дека претходните политики биле директно на штета на македонскиот идентитет и посочи дека тоа денес го потврдуваат и функционери од поранешната власт.

„Го слушав деновиве поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој самиот признава дека дури и да ги спроведеме уставните измени, Бугарија утре повторно може да стави вето во делот на акцискиот план за малцинствата. Тоа покажува колку биле погрешни претходните политики“, истакна Манасиевски.

Тој потсети дека Бугарија веќе ставила вето за Асоцијацијата „Три мориња“ и за акцискиот план за малцинствата, и покрај позитивните ставови од Европската комисија и Венецијанската комисија.

Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, токму поради ваквите искуства Владата инсистира на цврсти гаранции пред какви било идни чекори во евроинтегративниот процес.

„Уставните измени не се и нема да бидат последното барање од Софија. Затоа бараме гаранции и достоинствен пристап во разговорите“, порача тој.

На прашањето дали во моментов постојат позитивни сигнали од Бугарија, Манасиевски рече дека такви сигнали засега нема, потсетувајќи на ставовите на бугарскиот државен врв.

„Неодамна повторно се актуелизираше видео од 2019 година во кое Румен Радев вели дека Гоце Делчев е Бугарин, а дека Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост која доаѓа од Бугарија. Како тогаш да веруваме дека по внесувањето на Бугарите во Уставот тоа ќе биде последно барање?“, праша Манасиевски.

Тој предупреди дека Македонија не смее да дозволи нови условувања поврзани со македонскиот идентитет, јазик и историја.

„Што ако утре побараат да признаеме дека Гоце Делчев или Јане Сандански се Бугари, дека до 1945 година сме биле Бугари или дека македонскиот јазик е само дијалект? Преку некои работи едноставно не може да се помине“, дециден беше Манасиевски.

Како единствен начин за надминување на проблемите, тој посочи директен и достоинствен дијалог со Софија, без потчинување и без отстапување од националните позиции.

„Очигледно е дека Бугарија нè блокира, никој друг. Затоа велиме – ајде да седнеме и да разговараме преку дебата и аргументи. Но тие ставови веќе нема да бидат потчинувачки како порано, туку цврсти и достоинствени. Само така Македонија може да биде дел од Европа“, заклучи Манасиевски.