
Дванаесетгодишно момче утрово било двапати избодено во градите во својот дом во населбата Санита, во близина на Неапол, јавуваат италијанските медиуми.
Според првичните информации од истрагата, момчето било нападнато од својот татко, најверојатно за време на жестока семејна расправија која ескалирала во трагичен инцидент.
По нападот врз детето, таткото наводно се обидел да си го одземе животот прободувајќи се во пределот на грлото и лицето.
Во обид да го заштити својот син, повредена била и мајката на момчето, која се здобила со повреди на раката.
Според полициските информации, мажот наводно нападнал и медицинска сестра од брзата помош која пристигнала на местото на настанот за да му помогне на детето.
Момчето итно било пренесено во Болница „Векио Пелегрини“ со две убодни рани на левото белодробно крило. Во истата болница е хоспитализиран и неговиот татко.
Лекарите соопштиле дека и двајцата се наоѓаат во критична состојба.
Алармот за семејната драма го кренале соседите, кои слушнале силни вресоци од куќата и веднаш повикале брза помош и полиција.
Локалните власти започнале детална истрага за целосно расчистување на случајот и околностите што довеле до оваа трагедија.

