Skip to main content
Економија

Левица: Наместо укинување на онлајн коцкањето – владиниот закон спрема приватизација на онлајн бизнисот со коцка

22/05/2026  12:37

Соопштение за јавност на Левица:

Наместо укинување на онлајн коцкањето, како што ветуваше ВЛЕН пред изборите, владиниот предлог-Закон за игри на среќа е уште една политичка измама и обид за прераспределба на милионскиот коцкарски бизнис кон нови центри блиски до власта.

Иако Изет Меџити претходно изјавуваше дека „стопирале можност нашите деца да имаат коцкарници на своите телефони”, реалноста е сосема спротивна – онлајн коцкањето не само што не се укинува, туку преку новиот предлог-закон се отвора простор за нови приватни интереси да влезат во овој профитабилен бизнис. Ова го отвора прашањето: кој поединец близок до власта ќе влезе во бизнисот со онлајн коцкање и ќе заработува милиони од овој општествен порок?!

Со моменталното законско решение, онлајн коцкањето во Македонија функционира како државно контролиран систем преку Државна лотарија на Македонија. Но, наместо целосно укинување на онлајн игрите на среќа, како што ветуваа пред изборите, власта сега подготвува законски измени кои отвораат простор за тивка приватизација и влез на приватни структури во онлајн коцкањето. Особено спорен е членот 7 став 4 од новиот предлог-закон, каде што не е јасно дефинирано кој и под кои услови ќе може да учествува во приредувањето на онлајн игрите на среќа. Ваквата недореченост не значи борба против коцкањето, туку создавање сива зона за политички договори и бизнис интереси зад затворени врати.

Наместо заштита на граѓаните, власта повторно креира услови за нова распределба на профитот од коцкарската индустрија. Во меѓувреме, Македонија продолжува да се претвора во држава преплавена со коцкарници и обложувалници. Овој бизнис најмногу цвета токму во сиромашни држави, каде што граѓаните во недостаток на перспектива се туркаат кон лажна надеж за брза заработка, додека профитите завршуваат кај мал број моќници и странски компании.

Македонија не смее да биде држава во која коцкарските лобија и партиските бизниси ќе бидат поважни од јавниот интерес. Потребен е јасен и строг закон кој вистински ќе го ограничи коцкањето, а не закон што ќе отвора нови можности за богатење на луѓе блиски до власта.