
Македонија, како полноправна членка на НАТО, останува постојана мета на сајбер-закани и дигитални напади. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, откри дека изминатиот викенд бил извршен нов, сериозен и високо софистициран сајбер-напад врз клучната државна интернет-инфраструктура, при што цел биле веб-страниците на Владата, министерствата и националниот портал gov.mk.
Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Андоновски предупреди дека Македонија мора да биде подготвена за уште посериозни дигитални закани во иднина, особено поради членството во НАТО и размената на чувствителни информации со Алијансата.
„Треба да очекуваме повеќе напади, напади ќе има. Како НАТО членка, со нас електронски се споделуваат голем дел од податоците од НАТО инфраструктурата, кои се со висок степен на заштита. Ако не се однесувате внимателно со нив, ќе имате проблем. НАТО е силен онолку колку што е силна неговата најслаба членка“, изјави министерот.
Според него, нападот бил класичен DDoS напад, но со значително пософистицирана методологија од претходните случаи. Наместо огромен број барања во краток временски период, напаѓачите испраќале милиони барања распределени во подолг временски интервал со цел системот да биде измамен и да изгледа како станува збор за природен сообраќај и зголемен интерес на корисници.
„Целта беше системот да помисли дека постои природен интерес за порталот во сабота, а не организиран напад од сајбер-групи“, објасни Андоновски.
Поради безбедносни причини, системот превентивно бил исклучен околу 20 минути за да се изврши детална анализа и проверка на состојбата. Министерот потенцираше дека ниту еден државен податок не бил украден, избришан или компромитиран, бидејќи безбедносните механизми и firewalls успешно го спречиле пробивањето на системите.
Првичните анализи покажале дека нападите доаѓале од странство, преку таканаречени прокси-сервери кои служат за прикривање на вистинското потекло на напаѓачите. Случајот веќе е предаден на Министерството за внатрешни работи, кое ќе води детална истрага за организаторите и мотивите зад нападот.
Иако нападите продолжиле и во наредните два дена со слична архитектура и интензитет, институциите овојпат биле подготвени и не бил предизвикан никаков прекин во интернет-сообраќајот.
„Ова беше добра вежба за нас за да го тестираме одговорот на институциите. Сакам да го пофалам мојот тим, владиниот ЦИРТ, како и економските оператори со кои соработувавме. Координацијата беше брза и ефикасна“, нагласи Андоновски.
Министерот порача дека Македонија мора постојано да инвестира во сајбер-безбедноста и да ја одржува будноста на највисоко ниво, бидејќи дигиталните закани во современиот свет ќе стануваат сè почести и посложени.

