
Пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер Фатмир Битиќи преку објава на Фејсбук жестоко го критикуваше новото задолжување на државата од 260 милиони евра, оценувајќи дека станува збор за уште еден доказ за исцрпена фискална позиција, растечки јавен долг и недоволна транспарентност.
Во ФБ статусот, Битиќи порача дека ако се расправа за задолжување од 260 милиони евра, тогаш тоа мора да биде со бројки, документи и економска логика, а не со политички квалификации и обвинувања дека опозицијата нема аргументи.
Според него, првиот аргумент е самиот факт што Владата првично барала 300 милиони евра, а на крај договорила 260 милиони евра. Битиќи оценува дека тоа е јасна порака од финансиските пазари за реалната способност на државата за отплата на долгот.
„Финансиските пазари не се водат од прес-конференции, не читаат партиски соопштенија и не ги слушаат самопофалбите за стратешки партнерства“, наведува Битиќи во ФБ статусот.
Тој додава дека спорно е и тоа што заемот нема конкретна проектна архитектура, односно не е врзан за железница, болница, енергетски капацитет или индустриска зона, туку главно е насочен кон сервисирање на ликвидноста на Буџетот.
Во анализата објавена на Фејсбук, Битиќи се осврнува и на цената на задолжувањето. Според него, со актуелен шестмесечен ЕУРИБОР од 2,562 проценти и договорена маржа од 2,10 процентни поени, заемот би чинел околу 4,66 проценти годишно. Тоа, како што наведува, значи дека државата би платила меѓу 58 и 64 милиони евра само за камати, а со дополнителните трошоци вкупниот товар би достигнал меѓу 321,6 и 327,6 милиони евра.
Битиќи посочува дека ова задолжување не е изолиран случај и потсетува дека пред два дена државата преку аукција на обврзници се задолжила повеќе од првично планираното.
Во ФБ статусот тој предупредува и на растот на јавниот долг, кој според него од 8,5 милијарди евра во декември 2023 година, сега се приближува до 11,1 милијарди евра со новото задолжување, односно над 61 процент од БДП.
Поранешниот вицепремиер ја критикува и постапката во Собранието, посочувајќи дека договорот бил доставен до пратениците само осум дена пред расправата.
„Собранието не смее да биде гласачка машина за нови долгови“, наведува Битиќи.
На крајот од ФБ статусот, пратеникот на СДСМ порачува дека ова е само „предговор“, а вистинската економска расправа допрва ќе следи со ребалансот на Буџетот.
„Бројките се тврдоглави“, порачува Фатмир Битиќи.



