Skip to main content
Економија

Македонија доби 65,7 милиони евра од ЕК, највисока исплата  меѓу земјите во регионот

21/05/2026  11:47

Северна Македонија доби 65,7 милиони евра од Европската комисија во рамки на Инструментот за реформи и раст, што претставува најголема исплата меѓу земјите од регионот во овој период.

Исплатата е дел од Планот за раст за Западен Балкан, преку кој Европската Унија обезбедува финансиска поддршка за земјите-кандидати врз основа на спроведените реформи.

Во истиот циклус, Албанија доби 49 милиони евра, а Црна Гора 44,2 милиони евра. Европската комисија соопшти дека кај Северна Македонија позитивно биле оценети мерките во образованието и дигиталната трансформација.

Средствата се наменети за подобрување на финансирањето на основното и средното образование, како и за унапредување на дигиталната инфраструктура и пристапот до ИТ-опрема во училиштата.

Од вкупно одобрените средства, 30,6 милиони евра ќе бидат насочени директно во државниот буџет, додека остатокот ќе биде искористен за инвестиции преку WBIF механизмот, кој поддржува проекти во транспортот, енергетиката, дигитализацијата и развојот на човечки капитал.

Со ова, вкупната поддршка за Северна Македонија преку овој инструмент достигна 142,1 милион евра. Европската Унија го усвои Планот за раст во 2023 година, со цел земјите од регионот постепено да ги почувствуваат придобивките од европската интеграција уште пред членството.