
Соопштение за јавност на Левица:
Додека ВМРО-ДПМНЕ одбива да го повика државниот јавен обвинител да постапи по скандалозното затворање на случајот „Мазут”, иако претходно Мицкоски од говорница повикуваше по кои предмети да постапи новиот државен јавен обвинител – за овој случај Савески одбира да молчи.
Иако ОЈО ГОКК ја запре истрагата, Законот за јавно обвинителство јасно му дава механизми на државниот јавен обвинител да постапи во оваа фаза од предметот, односно Савески може да побара увид во предметот со цел утврдување на законитоста на истрагата, како и да наложи нови вештачења или прибирање докази. Сепак, и покрај јасните законски алатки, државниот јавен обвинител воопшто не покажува волја да побара увид во предметот „Мазут”, ниту да отвори институционална проверка за начинот на кој е запрена истрагата.
Особено загрижува фактот што по именувањето на новиот државен јавен обвинител беа забележани експедитивни кадровски и процесни потези кои одат во прилог на политичките интереси на ВМРО-ДПМНЕ, како што беше случајот со предметот „Талир”. И покрај тоа што има законска обврска и овластувања да побара увид, да наложи дополнителни дејствија и да утврди дали постапката била водена законито, Савески останува пасивен и одбира да глуми ненадлежен.
Дали пасивноста на Савески доаѓа после телефонскиот разговор со Мицкоски, каде добил такви насоки?! Ако новиот државен јавен обвинител навистина не постапува по политички и партиски директиви, тогаш Савески треба да ги искористи законските механизми кои му стојат на располагање и да утврди како е затворена истрага за случај во кој државата била оштетена за 169 милиони евра.



