Skip to main content
Свет

СЗО прогласи глобална тревога поради нов бран на ебола 

20/05/2026  22:31

Светска здравствена организација, Европски центар за превенција и контрола на болести и регионалните здравствени системи во Африка прогласија состојба на висока тревога поради новата епидемија на Ебола што се шири во Демократска Република Конго и Уганда. Ситуацијата е оценета како „итна ситуација од меѓународна загриженост“, со повеќе од 300 сомнителни случаи и најмалку 88 потврдени смртни случаи, додека дел од официјалните извори во Конго наведуваат дека бројот на жртви веќе надминал 134.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изразил сериозна загриженост за брзината со која се шири вирусот. Во меѓувреме, Соединети Американски Држави воведоа привремена 30-дневна забрана за влез за патници кои доаѓаат од Конго, Уганда и Јужен Судан, објави 4news.mk.

Експертите од ECDC предупредуваат дека три фактори ја прават кризата особено опасна. Првиот е доцното откривање на епидемијата, што укажува дека вирусот долго време се ширел незабележано. Поради тоа, постои страв дека реалниот број на заразени лица е многу поголем од официјално пријавениот.

Дополнителен проблем претставува и географската изолираност на жариштето. Епидемијата е концентрирана во покраината Итури, која се наоѓа на повеќе од 1.000 километри од главниот град Киншаса. Лошата инфраструктура и постојаните судири меѓу вооружени групи во регионот сериозно ја отежнуваат работата на медицинските и хуманитарните тимови.

Најголема загриженост, сепак, предизвикува самиот сој на вирусот. Станува збор за реткиот сој Бундибугио, за кој во моментов нема одобрена вакцина или специфичен третман, за разлика од познатиот заирски сој. Последен пат овој сој бил регистриран во 2012 година, а научниците предупредуваат дека неговата непредвидливост отвора нови ризици за глобалното здравје.

Еболата е ретка, но исклучително опасна вирусна инфекција со висока стапка на смртност. Инкубациониот период трае од два до 21 ден, а симптомите најчесто започнуваат со висока температура, болки во мускулите, главоболка, дијареја и силна исцрпеност. Во потешките случаи може да дојде до внатрешно и надворешно крварење.

Вирусот се пренесува преку директен контакт со крв, телесни течности или ткива на заразени лица, без разлика дали станува збор за живи или починати пациенти.