Skip to main content
Економија, Македонија

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ падна на сопствениот патриотски тест

18/05/2026  23:14

Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук реагираше по денешната собраниска седница, откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржаа предлогот за измени на Законот за Владата, со кој се бараше членовите на Владата да имаат исклучиво македонско државјанство.

Битиќи оценува дека ВМРО-ДПМНЕ „падна на сопствениот патриотски тест“, потсетувајќи дека партијата претходно најавуваше измени на Законот за пратеници со кои пратениците би морале да имаат исклучиво македонско државјанство.

„ВМРО-ДПМНЕ најавуваше измени на Законот за пратеници со кои пратениците би морале да имаат исклучиво македонско државјанство. Денес, кога во Собранието беше предложено истиот принцип да важи и за членовите на Владата, токму пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се повлекоа и не го поддржаа законот – паднаа на сопствениот тест“, пишува Битиќи на Фејсбук.

Тој посочува дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пред јавноста се претставувале како „чувари на државниот интерес“, но кога требало истиот принцип да се примени и за министрите, се повлекле.

„Пред јавноста се силеа дека избраните функционери треба да имаат исклучиво македонско државјанство. Говореа гласно и јавно, поставуваа прашања, бараа поддршка, се претставуваа како чувари на државниот интерес… но, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денес се повлекоа“, наведува Битиќи.

Во објавата, тој директно ги праша пратениците на ВМРО-ДПМНЕ зошто истиот услов да не важи и за министер, доколку веќе сметаат дека пратеник треба да има само македонско државјанство.

„Ако го барате тоа од Собранието, зошто се плашите да го побарате од Владата?“, прашува Битиќи.

Според него, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не ги почитувале сопствените зборови и ги погазиле сите јавно декларирани принципи.

Битиќи во објавата реагира и на одбивањето на другите предлози на СДСМ, наведувајќи дека истата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржала ниту иницијативите за финансиска поддршка на ранливите категории граѓани и пензионерите, подобра здравствена поддршка за деца со попреченост и лица со ретки болести, ослободување од плаќање паркинг за родителите на деца со попреченост и аутизам, како и поддршка за учениците кои ја претставуваат Македонија на меѓународни натпревари.

„Со еден ден гласање покажаа дека немаат проблем само со сопствените принципи, туку и со социјалната правда, здравствената грижа, инклузивноста и поддршката за знаењето“, пишува Битиќи на Фејсбук.