Skip to main content
Хроника

Мистериозна смрт на хрватски државјанин во Неготино

18/05/2026  16:41

Причината за смртта на 48-годишниот хрватски државјанин С.М., кој почина пред Велигден во Неготино, и понатаму останува непозната, откако Основното јавно обвинителство Кавадарци не наредило обдукција, иако станува збор за ненадејна смрт, објави 4news.mk.

Настанот се случил на 8 април 2026 година, кога на С.М. му се слошило додека престојувал во кафеана во Неготино. На местото интервенирала екипа на Итната медицинска помош, по што тој бил транспортиран кон Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Сепак, хрватскиот државјанин починал за време на транспортот, а амбулантното возило потоа го вратило телото назад во Неготино.

Од ОЈО Кавадарци потврдуваат дека биле известени за случајот, но не наредиле обдукција бидејќи дежурниот лекар констатирал природна смрт и, според обвинителството, не постоеле сомнежи за насилство или други сомнителни околности.

Случајот отвори прашања за различната пракса на обвинителствата во вакви ситуации. Само десетина дена подоцна, Основното јавно обвинителство во Свети Николе побарало обдукција за лице кое починало во кафеана без видливи траги на насилство, со цел прецизно утврдување на причината за смртта. Слична постапка, според информациите, ОЈО Кавадарци применило и во 2020 година во друг случај на лице пронајдено во безсознание.

Дополнителен сомнеж предизвикува и фактот што случајот првично не бил пријавен во Полициската станица во Неготино на самиот ден на смртта. Полициската истрага започнала дури на 14 април, по пријава од граѓанин.

Во рамки на истрагата биле извршени службени разговори со повеќе лица, а за случајот било испратено известување и до Одделението за ЕВРОПОЛ при Секторот за меѓународна полициска соработка. По завршување на потребната документација, телото на починатиот било пренесено во Хрватска.

Во меѓувреме, докторот кој ја констатирал природната смрт бил разрешен од функцијата раководител на Итната медицинска помош во Неготино. Од ЈЗУ Здравствен дом Неготино негираат дека кадровската промена е поврзана со случајот и тврдат дека станува збор за редовно враќање на претходниот раководител од специјализација.