Skip to main content
Скопје

Герасимовски: Запознајте ги хероините на градот, бесплатна тура на тема „Женското наследство во Центар”

16/05/2026  10:51

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги поканува сите заинтересирани граѓани да се приклучат на бесплатната едукативна тура на тема „Женското наследство во Центар”, која ќе се одржи утре, на 17 мај, со почеток во 12:00 часот, кај фонтаната „Лотосов цвет” во Градскиот парк.

Водич ќе биде историчарката по уметност и кустос Бојана Јанева, а фокусот е ставен на локации и обележја поврзани со улогата на жените во обликувањето на културниот и општествениот идентитет на градот.

Прошетката ќе опфати посета на неколку клучни споменици, каде учесниците ќе имаат можност да слушнат приказни и историски факти, меѓу кои и онаа за партизанката Вера Јоциќ, за Споменикот на ослободителите на Скопје, Паркот „Жена Борец” и др.

„Ова е можност да се потсетиме на жените кои се жртвувале за она што го имаме денес. Да не заборавиме дека над 5 000 жени учествувале во Народноослободителната борба, од кои околу 300 загинале, 7 биле прогласени за народни херои, а 141 жена се носители на Партизанска споменица 1941″, порача Герасимовски.

За сите што ќе се придружат на овој настан, обезбедени се пијалок и ужина, а ќе им бидат доделени и симболични сувенири.

Едукативната програма „Центарски прошетки” е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година, со цел поголема информираност и приближување на културното наследство до граѓаните.