
Судијата на претходна постапка на Вишиот суд во Белград му одреди мерка притвор на уапсениот началник на Полициската управа на град Белград, Веселин Милиќ, во траење од максимум 30 дена.
„На обвинетиот му е одреден притвор од законски причини пропишани со одредбата од член 498 став 1 во врска со член 211 став 1 точки 2 и 3 од Законот за кривична постапка, односно поради постоење на посебни околности што укажуваат дека обвинетиот, доколку биде пуштен на слобода, ќе уништи, скрие, измени или фалсификува докази или траги од кривичното дело, како и дека ќе ја попречи постапката со влијание врз сведоци, а исто така и поради постоење на посебни околности што укажуваат дека тој ќе го повтори кривичното дело за краток временски период“, изјави Вишиот суд во Белград.
Вишиот суд наведе дека Милиќ е обвинет за кривично дело Непријавување на кривично дело и сторител од член 332 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, во врска со кривичното дело Помагање на сторителот по извршувањето на кривичното дело од член 333 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Како што е наведено во соопштението, дозволена е жалба против горенаведената одлука до кривичниот совет на Вишиот суд во Белград, во рок од три дена од приемот на одлуката.
За потсетување, Веселин Милиќ претходно беше испрашуван во Вишото јавно обвинителство во Белград поради сомнение дека како началник на Управата за полиција на град Белград сторил повеќе кривични дела со цел да го прикрие кривичното дело обид за тешко убиство во ресторан во Сењак на 12 мај годинава.
Како што претходно објави Вишото јавно обвинителство во Белград, осомничениот ја презентираше својата одбрана за време на рочиштето.



