
Портпаролката на Владата, Марија Митева, во гостувањето на 4ТВ остро ги демантираше тврдењата на опозицијата за наводен притисок врз Јавното обвинителство, оценувајќи дека станува збор за обид на СДСМ да ја прикаже актуелната власт низ сопственото минато искуство.
Одговарајќи на прашањата за комуникацијата помеѓу премиерот и државниот јавен обвинител, Митева порача дека институционалната комуникација не значи мешање во истрагите или договарање предмети.
„Прашањето не е дали имало разговор – тоа е нормално за јавни функции. Клучното прашање е дали има кривично дело или противзаконско дејство. Овие тези ги пласираат структури на СДСМ, истите кои во минатото преку адвокати договараа предмети по бензински станици“, изјави Митева.
Таа потсети и на, како што рече, јавни сведоштва од обвинители кои зборувале за политички влијанија врз работата на обвинителството во минатото.
„Слушнавме обвинител кој јавно кажа дека Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска и Зоран Заев во Специјалното јавно обвинителство кажувале на кои предмети да се даде приоритет. Тие луѓе денес тргнуваат од себе и мислат дека сите постапуваат така“, нагласи портпаролката.
Митева оцени дека изборот на нов државен јавен обвинител претставува почеток на нов пристап во институциите, за разлика од претходниот период кога, според неа, се игнорирале ревизорски извештаи и сомнежи за злоупотреби.
„Претходниот обвинител ревносно го бранеа додека игнорираше извештаи од Државниот завод за ревизија“, рече таа.
На прашањето дали Владата открила докази за криминал од претходните власти, Митева потенцираше дека нема да навлегува во истражни постапки, но потврди дека се детектирани бројни неправилности низ институциите.
„Не сакам да зборувам за работи надвор од мојата надлежност, особено за истраги. Но, од она што е пласирано во јавноста, евидентно е дека низ институциите се направени низа погрешни постапувања од претходните раководства“, изјави таа.
Митева заклучи дека денес во обвинителството повеќе нема јавни скандали околу кадровски пресметки и диригирање истраги, оценувајќи дека институцијата конечно треба да покаже независност и ефикасност во постапувањето по предметите што со години ја брануваат јавноста.


