Skip to main content
Македонија

Мисајловски во Братислава на одвоени средби со министрите за одбрана на Чешка и на Словачка, Зуна и Калина

12/05/2026  20:08

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Братислава, Словачка заедно со останатите високи гости на свечен начин го означи отворањето на Меѓународниот саем за одбранбена и безбедносна технологија – IDEB на кој над 150 излагачи од 16 земји претставија нови и современи воени системи и опрема.

На маргините на саемот министерот Мисајловски имаше две одвоени средби со неговиот колега и домаќин, министерот за одбрана на Словачка, Роберт Калинак и со министерот за одбрана на Чешка, Јаромир Зуна. На средбите беше потврдена меѓусебната посветеност за јакнење на одбранбената соработка и зацврстување на капацитетите на Алијансата за одбрана и одвраќање.

На средбата со министерот за одбрана на Словачка, Калинак, Мисајловски се заблагодари за поканата за учество на саемот и во оваа прилика го нотираше позитивниот исход од првата седница на мешовитата Комисија за економска соработка помеѓу двете земји реализирана во март, каде во доменот на одбраната опфатени беа повеќе теми како развојот на соработката во одбранбената индустрија, модернизацијата и опремувањето, зајакнувањето на заедничките обуки и вежби, како и меѓусебната размена на експертско ниво.

Словачкиот министер Калинак се заблагодари за учеството на македонската делегација предводена од министерот Мисајловски на Меѓународниот саем во Братислава и порача дека македонско-словачката соработка има силен потенцијал и дека нејзиниот развој може да биде силен поттик за зацврстување на безбедноста и стабилноста во евроатлантската област.

Блиските одбранбени односи и меѓусебна доверба се можност за дополнителен заеднички развој на соработката, беше потврдено на средбата со министерот за одбрана на Чешка Јаромир Зуна „Двете земји имаат изградено блиски одбранбени односи и меѓусебна доверба која ни овозможува да го искористиме сиот потенцијал за заеднички развој”, истакна Мисајловски на средбата со министерот Зуна.

Мисајловски предложи соработката да се развива во повеќе области, меѓу кои и логистиката, оперативното планирање, како и практична соработка која може да го зацврсти придонесот во рамките на операциите и мисиите на заедничката Алијанса. Министерот се осврна и на заедничката реализација на семинари, работилници и експертските разговори, а како суштински елемент, рече, предвид треба да се земе и соработката во доменот на одбранбената индустрија и преносот на технологии.

Министерот Зуна изрази подготвеност за дополнително интензивирање на одбранбената соработка, имајќи предвид дека капацитетите на двете земји се составен дел на колективната одбрана на Алијансата.