Skip to main content
Македонија

ЕК додели над 380 милиони евра за 133 еколошки проекти во Европа, за Македонија 1,2 милиони

21/10/2024  16:40

Европската комисијата денеска донесе одлука да додели повеќе од 380 милиони евра за реализација на 133 нови проекти ширум Европа во рамките на Програмата за активности поврзани со животната средина и климата „Лајф“, меѓу кои и за обезбедување на енергетска ефикасност на постојните станбени објекти во земјава. 

Инаку, овие 380 милиони евра претставуваат над половина од вкупните инвестициски потреби за реализација на проектите, кои изнесуваат 574 милиони евра. Преостанатите средства ќе бидат обезбедени од националните, регионалните или локалните власти, преку јавно-приватни партнерства, како и од бизнисите и граѓанските организации. 

Проектот во земјава е дел од напорите за усогласување на сопствените со климатските и енергетските цели на ЕУ до 2030 година и има за цел да обезбеди систем на услуги за реновирање на станбени објекти со цел обезбедување на нивна енергетска ефикасност.  

За време на пилот фазата ќе биде субвенционирано реновирањето на 200 куќи и станови во Скопје, Куманово и Кочани со цел да се обезбеди заштеда на енергија и намалување на емисиите на штетни гасови.  

За проектот од ЕУ се предвидени речиси 1,20 од вкупно потребните над 1,26 милиони евра за негова реализација, за што крајниот рок е 30 септември 2027 година. Координатор на проектот е Здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“ од Скопје. 

Проектот се базира врз основа на усогласувањето на македонското законодавство за енергетска ефикасност на зградите со она на ЕУ, што се очекува значително да влијание врз изградбата на енергетски поефикасни нови згради.  

Но, од друга страна кога станува збор за реновирање на постојните станбени објекти, тоа се изведува со темпо од околу еден отсто од нивниот вкупен број, што е далеку под препорачаната стапка за реновирање на ЕУ од пет проценти.  

Овој проект има за цел да поттикне дополнителни напори за „бранот на реновирања“ на зградите за да се постигне целосно спроведување на директивите на ЕУ, па со него се предвидува развој и имплементирање на интегрирани услуги за енергетско ефикасно реновирање на станбени згради и куќи.  

Се очекува со проектот да се надминат предизвиците поврзани со недостигот на вештини, капацитети и финансии за имплементирање на комплексниот и амбициозен план за транзиција кон чиста енергија. 

Се предвидува со проектот да се поттикнат инвестиции од околу три милиони евра, заштеда на примарна енергија од 3,75 гигават часови годишно, генерирање на обновлива енергија од 2.976 гигават часови годишно и намалување на емисиите на стакленички гасови за 3584,75 тони еквивалент на јаглерод диоксид годишно. 

Преку програмата „Лајф“ треба да остварат голем број на цели од Европскиот зелен договор поврзани со климата, енергијата и животната средина, вклучително и целта на ЕУ да стане климатски неутрална до 2050 година и да ја запре загубата на биолошкиот диверзитет до 2030 година.  

Според ЕК, покрај обезбедувањето на долгорочен просперитет за Европа, овие средстава ќе се искористат за обезбедување трајно влијание врз животна средина, економијата и благосостојбата на сите Европејци.  

Со денешната одлука ЕУ ќе обезбеди 74 милиони евра од вкупно потребните 143 милиони евра, за проекти за поттик на циркуларната економија и подобрување на квалитетот на животот, преку намалување на употребата на вода, на отпадот од индустријата и домаќинствата, на загадувањето на воздухот и на бучавата, како и за поттикнување на рециклирањето. 

Вкупно 144,5 милиони евра од ЕУ ќе бидат наменети за проекти за заштита на природата и биолошкиот диверзитет, за обнова на слатководните, морските и крајбрежните екосистеми и живеалиштата, како и за подобрено зачувување на птиците, инсектите, рептилите, водоземците и цицачите. Вкупната потребна сума за овие проекти е 216 милиони евра. 

Од вкупно неопходните 110 милиони евра, ЕУ ќе обезбеди речиси 62 милиони евра за проекти за климатската отпорност и ублажување на последиците од климатските промени. 

Дополнително, уште 99 милиони од потребните 105 милиони евра, ЕУ ќе намени за проекти за забрзување на транзицијата кон чиста енергија. 

Меѓу проектите за кои се обезбедени средства се и оние за рециклирање на графитниот отпад од батериите во Италија, за намалување на последиците од отпадот од текстилната индустрија во Шпанија, за производство на свежа вода на шпанските Канарски Острови, за спас на ретката птица воден трскар (Acrocephalus paludicola) во Белгија, Германија, Литванија, Полска, Португалија, Украина, Унгарија, Франција, Холандија и Шпанија, како и за промоција на „мирниот соживот на природата и урбаниот начин на живот“ во Будимпешта. 

Дополнително преведени се и средства за зголемување на отпорноста на влијанието на екстремни временски настани на лозовите насади во Шпанија, Франција и Италија и на производството на познатите сирења Пармиџано реџано, Нормандиски камембер и Рокефор, за прилагодување на земјоделството на климатските промени и недостигот на вода во повеќе земји, како и за намалување на емисиите на стакленички гасови од електричните прекинувачи во Белгија. 

Меѓу проектите кои ќе се реализираат ширум Европа се и оние за дигитална обука за изградба на поефикасен и иновативен градежен сектор, за поттик на инвестиции во одржлива енергија и за поддршка на енергетските заедници за развој на бизнис модели со долгорочна одржливост.

Средства се обезбедени и за проектот за користење на виртуелната реалност за изградба и реновирање на објекти со цел да се обезбеди нулта емисија на штетни гасови во Бугарија, Грција, Романија, Хрватска и Чешка.  

Овие 133 проекти што ќе добијат финансиска помош од ЕУ беа избрани од вкупно 653 апликации за проектна поддршка доставени на конкурсот за Програмата „Лајф“ во 2023 година. 

Во рамки на Програмата „Лајф“, лансирана во 1992 година, досега се поддржани над 6.000 еколошки и климатски проекти во ЕУ и партнерските земји. За буџетскиот период 2021 – 2027 година за оваа програма се наменети 5,43 милијарди евра, што претставува зголемување за 60 отсто во споредба со средствата одвоени во претходните седум години.