Skip to main content
Скопје

Центар го прослави фолклорот и традицијата со играорците од „Орце Николов”, ДКЦ „Карпош” и етно работилници

10/05/2026  15:25

Под мотото „Фолклорот како живо наследство”, Општина Центар организираше културно-едукативен настан во Паркот на Франкофонија, со настапи на Ансамблот за народни игри и песни „Орце Николов” и фолклорните групи од Детскиот културен центар – Карпош.

Играорците, пред публиката, се претставија со богат репертоар од разновидни ора, народна музика и раскошни македонски носии, создавајќи атмосфера на поврзаност и заедништво.

Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека токму со вакви настани кои се отворени и достапни за сите, културното наследство станува жива материја која сплотува и не потсетува на традицијата и заедничките вредности.

„Со афирмација на народната игра и песна не само што ги чуваме нашите корени, туку создаваме и траен мост меѓу генерациите”, рече Герасимовски.

Во рамки на настанот беа реализирани и етно-креативни работилници за деца, каде најмладите преку интерактивен пристап се запознаа со народните обичаи, традиционалните ракотворби, носии и богатството на македонскиот фолклор, со поддршка од етнолози и етнокореолози.

Настанот е дел од културната програма на Општина Центар за 2026 година и има за цел да го доближи автентичниот народен дух до младите и да поттикне поголема свест за негово негување и зачувување.