Skip to main content
Македонија

„Немам контакти со Заев“ вели пратеникот Цеков

10/05/2026  15:11

Миле Цеков, кој како носител во ИЕ 4 беше избран за пратеник, ја напушти пратеничката група на партијата и парламентарното мнозинство, најавувајќи дека во иднина ќе дејствува како независен пратеник. Во изјава за „Фокус“, тој демантира дека неговата одлука е поврзана со поранешниот премиер Зоран Заев и тврди дека станува збор за лична политичка одлука.

Цеков вели дека нема контакт со Заев и дека во јавноста се создаваат конструкции за да се дефокусира суштината на неговото заминување од ЗНАМ. Според него, одлуката е последица на разочарување од начинот на кој партијата функционирала по изборите, особено поради, како што наведува, недоволна комуникација, ограничена вклученост во процесите и носење одлуки во тесен круг.

Тој посочува дека во кампањата и во изминатите години вложил време, енергија и лични средства, бидејќи верувал дека ЗНАМ ќе донесе нов пристап во македонската политика. Според Цеков, разговорите за правда, транспарентност и општо добро сè почесто се третирале како политичка наивност, наместо како вредности врз кои треба да се гради доверба кај граѓаните.

„Не влегов во политиката за функции или позиции“, порачува Цеков, наведувајќи дека неговата намера била да придонесе кон промена на начинот на кој се практикува политиката. Тој најавува дека како независен пратеник ќе соработува со сите што ги споделуваат вредностите на правда, одговорност, повисок животен стандард, поддршка за земјоделците, перспективи за младите и држава во која граѓаните ќе можат достоинствено да живеат од својот труд.

Одлуката на Цеков беше објавена на 30 април, кога тој соопшти дека повеќе нема да биде дел од мнозинството, но дека ќе ги поддржи сите решенија што, според него, ќе бидат во интерес на граѓаните. Тој тогаш наведе дека очекуваните промени не се случиле и дека не прифаќа држава со корупција, криминал, селективна правда и нефункционални институции.