
Соопштение за јавност на Левица – Аеродром:
Државна изборна комисија (ДИК) со мнозинството од ДПМНЕ донесе скандалозен правилник, со кој на општините во Скопје им се наложува да ја исплатат целосната сума за дневници на одборниците за локалните избори, наместо како досега дел од трошоците да ги покрива и Град Скопје.
Оваа одлука директно ќе го оптовари буџетот на Општина Аеродром со сума од над 16 милиони денари, односно околу 260.000 евра, средства кои ќе бидат одземени од потребите на жителите.
Прашуваме: зошто општина која се дави во ѓубре и преполни контејнери, поради неисполнетите ветувања за „72 часа чистење” на градот од страна на градските власти на чело со „Твојот Човек” Орце Ѓорѓиевски, треба да плати целосен износ за дневници, како да се избирал само градоначалник на Општина Аеродром, а не и градоначалник на Град Скопје?!
Очигледна е политичката нерамнотежа во одлуките во корист на „миленичето” на ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кому му е наложено да исплати дневници само за Градската изборна комисија која брои десетина членови, додека на Општина Аеродром се наметнува обврска да исплати дневници за речиси 1.000 членови на ДИК и Општинските изборни комисии.
Додека Аеродром ги презема трошоците што треба да бидат поделени со Град Скопје, граѓаните се соочуваат со запуштена јавна хигиена, неискосена трева, преполни контејнери, искршени канти и уништена урбана опрема.
Наместо ветениот ред и чистота, секојдневието на жителите наликува на запуштен простор, недостоен за нормално живеење.
Левица – Аеродром смета дека ваквите одлуки се уште еден доказ за партизација на институциите и неправедна распределба на јавните средства на штета на граѓаните.
Бараме итно преиспитување на правилникот и правична распределба на трошоците за локалните избори.

