
Соопштение за јавност на Левица:
Реџеп Исмаил, пратеник од Левица, преку социјалните мрежи обвинува дека суштинските проблеми на изборниот систем намерно се игнорираат, иако формално се водат процеси на „инклузивен дијалог” околу измените на Изборниот законик. Исмаил информира дека како член на Работната група при Министерството за правда за измени на Изборниот законик присуствувал на настан организиран од ИФЕС, на кој бил презентиран извештај поврзан со препораките на ОДИХР. Според него, на ваков настан на кој присуствувале министерот за правда, потпретседателот на Собранието, директори на институции како ДКСК, ДЗР, АВМУ, претставници на ДИК и други високи функционери, наместо да се отвори дебата за клучните проблеми, извештајот повторно се фокусирал на „техникалии”.
„Тоа го кажав јавно. Организаторите се оградија со изговор дека тие ‘не се мешале во тоа’. Но, кога веќе организираш процес, подготвуваш извештаи и собираш највисоки државни функционери за ‘реформи’, тогаш не можеш да се правиш дека суштината не постои”, напиша Исмаил.
Тој тврди дека најголемиот проблем во изборниот систем е актуелниот изборен модел, кој според него, создава непропорционалност и произведува федерализирачки ефект по етничка линија и додава дека е тоа во корист само на една етничка заедница, а на огромна штета на помалите заедници.
„Македонија мора да премине на една изборна единица со пропорционален модел”, категоричен е пратеникот.
Како пример за нееднаквата вредност на гласот посочува дека пратеник на СДСМ или ДПМНЕ „чини” 7-8 илјади гласа, а пратеник на Левица 15-16 илјади гласа. „Тоа не е еднаква вредност на гласот. Тоа е системска неправда”, пишува Исмаил.
Во објавата го отвора и прашањето за платено политичко рекламирање како втор голем проблем и оцени дека преку тој механизам се создава клиентелистички однос меѓу големите партии и медиумите. „Во еден изборен циклус околу 6,5 милиони евра од буџетот завршуваат кај приватните медиуми. Тоа е класичен клиентелистички однос помеѓу големите партии и медиумите. Преку ППР се врши огромна политичка корупција на медиумскиот простор во државава”, истакнува Исмаил.
Дополнително, обвинува дека законот е скроен така што третата опозициска партија со пратеничка група, Левица, не добива ниту едно евро за ППР со што партијата е ставена во нерамноправна положба.
„Партија со 1, 2, 3 или 4 пратеници добива средства; партија со 6 пратеници добива нула”, наведува пратеникот Исмаил и додава дека има сериозни проблеми и во финансирањето на политичките партии, каде партии со десетици гласови добиваат десетици илјади евра годишно од буџетот.
Исмаил го отвара и прашањето за предвремени избори посочувајќи дека во редовите на власта се чувствува, како што вели, „нервоза и подготовка за нов изборен циклус”. „Реториката ‘ДУИ не е на власт’, ‘наследивме хаос’, ‘СДСМ ги предадоа националните интереси (демек, не сме сега ние должни да ги вратиме)’ полека се троши. Во СДСМ и ДУИ има раководства без кредибилитет и оптоварени со криминални афери, па очигледно некому му одговара брз изборен циклус, со милиони евра за медиумска кампања од државен буџет. Ете плус четири години власт без суштински резултати”, вели пратеникот.
Според него најразочарувачко од сè е молкот на најголем дел од медиумите и новинарите. „Нема сериозна јавна дебата за овие прашања. Нема ТВ соочување за изборниот модел, за ППР, за финансирањето на партиите. А токму тоа се темите што директно ја одредуваат состојбата на политичка репрезентација и демократијата во државава”, завршува Исмаил.

