
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска јавно потврди дека повеќе не се гледа како дел од коалицијата ВЛЕН, испраќајќи директна порака дека политичкиот пат со оваа структура за него е завршен.
„Јас и ВЛЕН одамна завршивме“, изјави Лимани, алудирајќи на подолг период на несогласувања со лидерите на коалицијата, во која учествуваше преку Движењето Беса на Билал Касами.
Во изјава за медиумите, Лимани рече дека е поддржувач на идејата за предвремени парламентарни избори, оценувајќи дека тие би биле корисни и за државата и за економскиот развој.
„Колку побрзо се случат изборите, толку подобро ќе биде за државата, економијата, но и за освежување во рамките на ВЛЕН и другите политички субјекти“, изјави Лимани.
Тој се осврна и на својата вчерашна објава на социјалните мрежи, односно реобјавата на статус во кој стоеше: „Со Фатмир Лимани сакавте војна, сега покажете колку вредите! Наскоро ќе ви овозможам да се покажете“.
Според него, со реобјавата само сакал да ја потврди својата поддршка за предвремени избори.
„Тоа беше реобјава од еден портал. Само потврдив дека сум за предвремени избори. Сите сме за предвремени избори, освен ВЛЕН“, рече министерот.
На прашањето под чиј политички чадор ќе настапи на следните избори, Лимани јасно порача дека нема да биде дел од ВЛЕН.
Воедно, запрашан дали во моментов е министер на ВЛЕН или на ВМРО-ДПМНЕ, тој одговори дека функцијата ја извршува во интерес на сите граѓани.
„Јас сум министер на сите граѓани на оваа земја и ќе се обидам да им помогнам во сите аспекти што ми ги дозволува Министерството за социјална политика“, изјави Лимани.
