Search

Самоопределување организира протест против јавниот обвинител на Косово

Косовското опозициско Движење Самоопределување (ВВ) в петок, 26 април, ќе одржи протест против главниот јавен обвинител на Косово, Александер Љумези со барање за негова оставка, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според партијата на Албин Курти, Љумези нема преземено ништо против криминалот и корумпираните власти.

– Тој не ја врши својата работа против криминалците. Ги нема покренато потребните обвиненија, ниту за мафијашите, ниту за сексуалните злосторници, ниту за корумпираните властодршци. Затоа криминалците благодарение на него се слободни, па дури и моќни, се вели во соопштението на ВВ, во кое се повикуваат граѓаните на протест во косовскиот главен град в петок во 11:55 часот.

ВВ најавува дека протестот ќе биде мирен и ќе се бара оставка од главниот обвинител „кој не си ја врши својата работа, а прима седум просечни плати месечно”.

Најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на поранешниот премиер Иса Мустафа се уште нема одлучено дали ќе се приклучи на протестот, додека од Социјалдемократската партија (ПСД) на приштинскиот градоначалник Шпенд Ахмети, во која преминаа десетина пратеници на ВВ по партискиот раскол, изјавија дека нема да го поддржат протестот против Љумези.

Партијата на Курти последниве недели, организира и средби со граѓаните низ сите косовски градови, со цел мобилизација за протести за уривање на Владата на Рамуш Харадинај и смена на претседателот на државата, Хашим Тачи.

Треба да знаете
Последни објави