Skip to main content
Македонија

Алиша со предизвик до градоначалниците: Возете се со затворени очи за да видите како „преживуваат“ слепите во ЈСП

30/04/2026  23:25

Проблемите со јавниот превоз во Скопје не се сведуваат само на нередовни линии и доцнења, туку и на целосна нефункционалност на системите за информирање на патниците со попреченост. На ова предупреди Суарет Алиша од Коалиција Менуваме во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Тој откри дека иако постојат подготвени проекти и конкретни решенија за олеснување на движењето на лицата со попреченост, институциите со години не покажуваат интерес за нивна реализација.

Алиша упати директен повик до градските власти лично да се соочат со реалноста на слепите лица кои секојдневно користат јавен превоз без основна звучна поддршка.

„Го повикувам градоначалникот да дојде со нас и со затворени очи да проба да се вози во автобус и да ги брои станиците. Во гужва, кога автобусот некогаш не застанува на станица, ние се збунуваме и се симнуваме на погрешно место бидејќи синтезаторот за говор не работи во ниту еден автобус“, вели Алиша.

Според него, екраните во автобусите наместо да служат како алатка за информирање на патниците, се користат исклучиво за реклами и комерцијални содржини.

Коалицијата „Менуваме“, како што посочи, веќе има изработено модул кој може да биде од корист за сите граѓани, а особено за лицата со различни попречености.

Проектот предвидува визуелен приказ на моменталната станица и можностите за преседнување, агол со преведувач на знаковен јазик за глувите лица, како и аудио најава за слепите патници.

„Овој проект е изработен да биде функционален и дење и ноќе. Тој не е само за лицата со попреченост, туку и за сите граѓани или туристи кои не го познаваат градот“, додава Алиша.

Покрај технолошките решенија, организацијата предлага и еколошки иновации за подобрување на условите во автобусите. Една од идеите е во новите возила да се вградат јонизатори за прочистување на воздухот од непријатни миризби и ПМ честички.

„Знаеме дека Скопје е еден од најзагадените градови. Со инсталирање на јонизатори, воздухот во автобусите би бил многу подобар, особено во зимските периоди кога загадувањето е енормно“, заклучи Алиша.

Неговите пораки повторно ја отворија дебатата дали јавниот превоз во Скопје е навистина достапен и функционален за сите граѓани.