Skip to main content
Македонија

„Живееме како во домашен притвор“ – жестоки критики од Алиша

30/04/2026  23:01

„Пред избори добиваме поплава од ветувања, а кога ќе се изгаснат камерите, остануваме заглавени во нефункционален град. Како уште полицајци да ни пратат за да бидеме и официјално во притвор“, вели Суарет Алиша од Коалиција Менуваме во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Недостатокот на системски политики и нефункционалната инфраструктура во главниот град, според него, претставуваат секојдневна пречка за слободно движење на лицата со попреченост. Алиша упати сериозни критики до градските власти, посочувајќи дека ветувањата дадени во изборните програми останале само на хартија.

Тој истакна дека додека останатите граѓани можат да избираат различни начини на транспорт и движење, лицата со попреченост се ограничени од самата средина во која живеат.

„Факт е дека не можеме целиот град одеднаш да го подобриме, но можеме главните булевари и семафорите да ги прилагодиме. Моментално, звучните сигнали на семафорите не се синхронизирани со светлата, што е исклучително опасно за нас“, објаснува Алиша.

Според него, Град Скопје и советниците имаат законска обврска да создаваат инфраструктура достапна за сите граѓани, но реалноста покажува дека лицата со попреченост се целосно занемарени.

„Најтрагично е кога ќе дојдат избори. Тогаш ветуваат сè и сешто, има поплава од ветувања. Но, штом се изгаснат камерите, ние повторно остануваме заборавени“, рече тој.

Опишувајќи го секојдневниот живот во Скопје, Алиша употреби силна метафора за да ја долови изолацијата во која се наоѓаат многу лица со попреченост поради непристапниот јавен простор.

„Моментално се чувствуваме како во домашен притвор. Уште малку останува само полицајци да ни пратат да ни чуваат пред врата. Ете така се чувствува моментот во овој град“, заклучи Алиша.

Неговите пораки повторно ја отворија дебатата за тоа колку главниот град навистина е достапен и функционален за сите негови жители.